İslam Uddin
01 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
ИСЛАМАБАД (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК / ИСЛАМУДИН САЏИД -
Пакистанскиот премиер Имран Кан истакна дека Пакистан има за цел унапредување на трговските односи со Турција, нагласувајќи дека кон средината на февруари се очекува во официјална посета на Пакистан да допатува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во разговорот со Агенција Анадолија (АА) во пакистанскиот главен град Исламабад, Кан говореше детално за низа прашања, меѓу кои и односите со Турција, за ситуацијата на Блискиот Исток, односите со соседна Индија и нејзините потези во Џаму и Кашмир, за Авганистан, за домашните прашања, економијата на земјата и климатските промени.
Во разговорот што траеше повеќе од 40 минути во салата на Домот на премиерот, во непосредна близина на неговиот Кабинет, Кан говореше за убавините на Турција и се потсети на неговиот престој заедно со неговите двајца синови во Истанбул, пред да ја преземе функцијата премиер на Пакистан. Тој изрази желба да ја вклучи Турција во проект вреден повеќе милијарди долари со цел зајакнување на меѓусебната поврзаност.

Кан нагласи дека меѓу Пакистан и Турција постојат пријателски односи.
„Сега развиваме многу блиски трговски односи. Имаме заеднички став што се однесува до прашањето за Кашмир. Пакистан упатува благодарност до претседателот Ердоган поради солидарноста која ја покажа во Обединетите нации (ОН) против тоа што расистичката и фашистичка индиска Влада го направи во Кашмир. Нашите односи со Турција уште повеќе се зајакнуваат во секоја област“, рече Кан.
„Нашата цел е унапредување на трговските односи. На пример, Пакистан и Турција може да соработуваат во областа на рударството“, додаде Кан, истакнувајќи дека Пакистан е земја богата со различни руди како злато, бакар и јаглен.
„Во некои области сакаме да вршиме трансфер на технологии од Турција. Ќе биде една сеопфатна средба во која ќе разговараме за секоја област од нашите економски односи. Исто така, ќе разговараме и за стратешките и дипломатските теми“, рече тој.
Пакистанскиот премиер потсети дека во 1920 година, особено муслиманите од индискиот потконтинент, ѝ помогнале на Турција во нејзините тешки времиња. Тој предложи да се одбележат 100-те години од оваа дарежливост и од односите меѓу Турција и муслиманите од индискиот потконтинент во 2020 година.
- Пакистанскиот премиер предупредува на можно повторување на сценариото на Мјанмар во Индија -
Кан ја предупреди меѓународната заедница дека владејачката Индиска народна партија (Bhartiya Janata Party (BJP)) се подготвува да го повтори геноцидот во стилот на Мјанмар и да го исклучи своето малцинско население.
Тој нагласи дека според новиот контроверзен Закон за државјанство во Индија, околу 500 милиони луѓе ќе бидат исклучени од списокот за државјанство, по што ќе следува ажурирање на Националниот регистар на државјани.
„Ова е токму тоа што се случи во Мјанмар, првин започнаа со регистрацијата и на тој начин ги исклучија муслиманите, а потоа се случи и геноцидот. Се плашам дека во тој правец се движат нештата во Индија“, рече Кан.
Одговарајќи на прашањето во врска со можноста за евентуален миграциски бран кон Пакистан и Бангладеш од Индија, во пресрет на актуелните случувања, Кан рече:
„Бангладеш веќе одби да прими кој било што е исклучен од списокот на државјани во североисточната индиска држава Асам.“
„Мислам дека Бангладеш е веќе загрижен затоа што во Асам тие дерегистрираа речиси 2 милиони луѓе. Не го знам точниот број, но прашањето е што ќе се случи со овие луѓе?“, рече Кан.
- Спречена војната помеѓу САД и Иран -
Говорејќи за неодамнешните тензии меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, Кан рече дека тензиите сè уште постојат. Но, изрази задоволство што војната во регионот е спречена по дипломатските напори.
„Сметаме дека ја одигравме нашата улога во тоа и ги намаливме тензиите. Но, секако, знаете, мора да има некое трајно решение“, рече тој.
Пакистанскиот премиер, исто така, ги отфрли критиките на Кинеско-пакистанскиот економски коридор (CPEC)) и го тргна настрана прашањето за кинески долг. „Значи, оваа работа е сосема неоснована дека Пакистан влегува во стапицата за долг на Кина“, појасни Кан.
Потенцирајќи на конфликтите што владејат во исламскиот свет, истакна дека најголемата итност на Пакистан е да го спречи огнот и да ги доведе страните кон помирување, со цел земјите да можат да се фокусираат на развојот на нивната инфраструктура.