Awad Rjoob,Ali Semerci
03 Ноември 2023•Ажурирај: 06 Ноември 2023
РАМАЛА (АА) - Новинар што работел за телевизискиот канал на палестинските власти беше убиен вчера заедно со десет члена на неговото семејство во израелскиот воздушен напад врз неговата куќа на југот на Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Нашиот новинар и колега Мухамед Абу Хатаб и членовите на неговото семејство беа убиени во израелскиот воздушен напад во кој беше бомбардирана неговата куќа во Хан Јунис“, објави палестинската телевизија.
Според државната палестинска новинска агенција ВАФА, Абу Хатаб известувал за настаните од болницата Насер во Хан Јунис и завршил со известувањето еден час пред нападот на неговиот дом.
Најмалку 27 новинари се убиени во израелските напади на Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Синдикатот на палестинските новинари.
Во средата Синдикатот објави дека еден од неговите членови, Мајд Фазл Арандс, кој работел за веб-страницата Ал-Џамахир, бил убиен за време на нападот во близина на неговиот дом во бегалскиот камп Нусејрат.
Израелската војска ги прошири воздушните и копнените напади врз Појасот Газа, во кој се вршат немилосрдни бомбардирања откако палестинската група Хамас започна ненадејна офанзива против Израел на 7 октомври.
Во израелските напади на Појасот Газа загинаа 9.061 Палестинец.