Fatih Hafız Mehmet
09 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
КИРКУК (АА) - Ирачките безбедносни сили утринава започнаа акција за симнување на знамињата на Курдската регионална управа (КРГ), кои се поставени тајно на голем број локации во Киркук, градот кој со децении чека решавање на политичкиот статус, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник на Кабинетот на гувернерот во Киркук, Мерван ал Ани, за АА изјави дека гувернерот наредил полицијата да ги отстрани сите знамиња на КРГ од улиците и зградите на политичката партија на Патриотската унија на Курдистан (KYB).
„Поставувањето на знамињата на КРГ или на кој било политички ентитет на подрачјето на областа Киркук е нелегален чин. Не сакаме да доживуваме нови политички и општествени кризи“, изјави Ал Ани.
Во октомври 2017 година, ирачките безбедносни сили ја презедоа контролата во Киркук, кој беше под контрола на Пешмергите, вооружените сили на автономната Курдска регионална управа на северниот дел на Ирак.
Политичката криза во Ирак се огледува во постојаните конфронтации на сунитските и шиитските политички елити, како и во кризните односи меѓу федералната Влада во Багдад и покраинските власти во Ербил. Нерешениот статус на Киркук е уште една од спорните теми во Ирак.
Спорниот статус на Киркук чека на решавање уште од 2003 година и американските инвазии во Ирак, кога курдските сили од северниот дел на Ирак ја презедоа контролата во градот, и кога голем број курдско население се досели во градот.
Уставот на Ирак, кој е усвоен во 2005 година, во членот 140 предвидува статусот на Киркук да се одреди со референдум кој ќе биде организиран откако прогонетите жители во периодот на владеењето на Садам Хусеин ќе се вратат во градот, и откако ќе се изврши попис на населението.
Официјален Багдад тврди дека власта во регионот на Киркурк е под ингеренции на ирачката Влада, додека локалното курдско население и владејачката Унија на курдските патриоти сакаат регионот да се припои на Регионалната курдска управа во северен Ирак.
Туркменското и арапското население и нивните политички партии се противат на тој план и бараат на Киркук да му се даде специјален статус во Ирак.