Saadet Gökce
24 Декември 2025•Ажурирај: 25 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Тајланд и Камбоџа известија за нови судири денес, додека двете страни се подготвуваат да ги одржат првите разговори меѓу двете армии по обновувањето на конфликтот на 7 декември, јавува Анадолу.
Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека тајландските сили истрелале две гранати во областа Појпет, а подоцна уште една граната во провинцијата Бантеј Меанчеј, при што биле повредени двајца цивили, објави „Кмер тајмс“.
Инцидентите се случуваат во време кога двете армии треба да ги одржат првите разговори од почетокот на обновените судири.
Според камбоџиските власти, тајландските сили отвориле оган и во близина на храмот Преах Вихеар и областа позната како Планината духови, додека камбоџиските сили возвратиле со ракети од типот БМ-21.
Вчера Тајланд соопшти дека неговите трупи уништиле два објекта во камбоџискиот граничен град Појпет, за кои тврдат дека се користеле за сместување измамници и складирање муниција, јави јавниот сервис „Тај Пи-би-ес“.
Според тајландските сили, денес судирите продолжиле на три точки по должината на границата во областа Са Каео, објави весникот „Нејшн“.
Во меѓувреме, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук Кралската тајландска армија соопшти дека тврдењата на Камбоџа за наводни еколошки злосторства извршени од Тајланд претставуваат, како што наведоа, „сериозно извртување на фактите“.
За денес беше закажан и состанок на Заедничкиот генерален граничен комитет на Камбоџа и Тајланд (GBC).
Тајландските власти соопштија дека во судирите загинале 23 тајландски војници и еден цивил, додавајќи дека уште 33 цивили го загубиле животот како „колатерална штетa“.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на Камбоџа соопшти дека загинале 21 камбоџиски цивил, а 83 лица биле повредени.
Според официјалните податоци, од почетокот на судирите речиси еден милион луѓе биле раселени од двете страни на границата.