Recep Şakar
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
МЕЛБУРН (АА) - На брегот на австралискиот град Намбука Хедс во државата Нов Јужен Велс, 30-годишен скијач на бранови е нападнат од ајкула, при што претрпел тешка повреда на ногата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Австралиската информативна агенција објави вест во која се наведува дека во раните утрински часови по локално време, во Нов Јужен Велс, на брегот на градот Намбука Хедс, тројца пријатели скијале на бранови. За време на скијањето, 30-годишно момче станало жртва на напад од ајкула, чиј вид сѐ уште не е познат.
Во веста се вели дека момчето кое во нападот претрпело тешка повреда на ногата, дигајќи рака, побарало помош од своите пријатели.
Откако пријателите го извлекле на брегот, прва помош му е дадена од страна на Клубот на спасителите на Намбука Хедс, по што ранетото момче со хеликоптер е префрлено во болница.
Шефот на брзата помош на Нов Јужен Велс изјави дека момчето се здобило со пет длабоки засеци, поради што загубило многу крв, но благодарение на укажаната прва помош, му била дадена крв.
- Со доаѓањето на летото се зголеми бројот на напади -
Во последните 3 месеци во Квинсленд, Нов Јужен Велс, Западна Австралија, се случија повеќе напади на ајкули, во кои почина едно лице, а петмина се ранети.
Паралелно со зголемувањето на температурата и сѐ поголемиот број лица на плажите на австралискиот брег, се зголеми бројот на напади на ајкули, поради што, по спроведените надгледувања од воздух и копно, безбедносните органи како превентивна мерка, повремено ги затвораат плажите.
На плажите на кои постои висок ризик од напад на ајкули поставени се мрежи и професионални ловци на ајкули, што предизвика реакции од активистите кои се борат за заштита на правата на животните.