Riyaz ul Khaliq
18 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Расистот кој го сподели видеото од нападите во Крајстчрч, Нов Зеланд, денеска беше осуден на казна затвор во времетраење од 21 месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Филип Невил Арпс (44), кој има изразено пофални зборови за германскиот нацистички воен злосторник Рудолф Хес, е обвинет по две точки од страна на Окружниот суд во Крајстчрч.
Обвиненијата се однесуваат на наводите за негово споделување на непристојна видеоснимка од убиствата кои се случија на 15 март во двете локални џамии.
Во терористичките напади што Брентон Тарант на 15 март ги изврши во џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во градот Крајстчрч, животот го загубија 51 лице, а 49 беа ранети.
Тарант, со потекло од Австралија, го пренесуваше неговиот терористички акт во живо на Фејсбук.
„Арпс призна дека еден ден по нападот, на 15 март, видеото го испратил да се монтира со додавање на таргет-курсор и бројач на убиствата, а немонтираното видео го испратил на 30 блиски лица“, се вели во веста на локален новозеландски медиум.
Се додава дека поранешниот член на екстремно-десничарската група Легија на Аријанци, не се покајал за делото. Тој е ставен во самица 23 часа на ден.
Полицијата дејствувала против 13 лица за поседување или споделување на видеото.
За време на сослушувањето, судијата Стефан О’Дрискол, рече дека е јасно оти Арпс имал остри ставови кон муслиманската заедница и дека тој престанал да се изјаснува дека неговите ставови се однесувале на религијата како целина.
„Тој дејствуваше со суровост и невнимателност во споделувањето на видеото еден ден по терористичкиот напад, додека семејствата чекаа да слушнат дали нивните роднини се убиени“, изјави судијата додека ја потпишуваше одредената казна.