Gülşen Topçu
25 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврди дека некои арапски и исламски земји ќе влезат во процесот на нормализирање на односите со Израел и порано од очекуваното, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението од Кабинетот на израелскиот премиер се наведува дека Нетанјаху одржал состанок со Кели Крафт, постојана претставничка на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН).
Нетанјаху за време на средбата истакнал дека уште некои арапски земји ќе влезат во процес на нормализирање на односите со Израел.
„Гледате дека одредени арапски земји го направија тој чекор, а некои сега го преземаат. Ќе видите дека повеќе земји отколку што очекувавме, а можеби и многу побрзо, ќе влезат во процесот на нормализација со нашата земја“, рече Нетанјаху.
Од друга страна, „Ерусалим пост“ (The Jerusalem Post) објави дека Индонезија и Оман се близу донесување одлука за нормализирање на односите со Израел.
Обединетите Арапски Емирати и Бахреин кон средината на септември годинава потпишаа договори во Белата куќа за нормализирање на односите со Израел, а потоа истото го сторија и властите на Судан и Мароко.
Претходно, Египет (од 1979 година) и Јордан (од 1994 година) беа единствените земји од арапскиот свет кои воспоставија односи со Израел.