Mustafa Deveci
12 Август 2018•Ажурирај: 13 Август 2018
КУДС (АА) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, истакна дека неговата земја сака целосно примирје во Појасот Газа која е под блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху, пред неделната редовна седница на неговиот Кабинет, даде изјава околу можното долгорочно примирје меѓу Хамас и Израел.
Нетанјаху нагласи дека нивните планови околу состојбата во Газа се готови, но дека нема да ги соопшти деталите. „Нашата цел е да им овозможиме на нашите државјани кои живеат во југот да имаат мирен живот. Оваа цел ќе се постигне“, додаде тој, осврнувајќи се на можноста за постигнување примирје во Газа.
„Нашиот пристап кон ова прашање е отворен. Сакаме целосно примирје, не можеме да се задоволиме со помалку од тоа“, рече Нетанјаху.
На почетокот на месецот во медиумите беа објавени вести дека се реализираат индиректни преговори за постигнување долгорочно примирје меѓу Хамас и Израел, со посредство на ОН и Египет.
Израелски претставник кој сакаше да остане анонимен, во изјава за АА, истакна дека до крајот на месецот ќе завршат преговорите меѓу Хамас и Израел, со посредство на трети страни.
Но, во рамките на тензиите кои започнаа по тврдењето дека во средата минатата недела од палестинската страна беше отворен оган врз едно тешко градежно возило на Израел на границата на Газа, Израелската војска со воени авиони погоди над 150 цели во Газа, а како одговор на тоа, од Газа беа лансирани 180 ракети кон Израел.
Во рамките на нападите на Израел врз Газа, животот го загубија тројца Палестинци, од кои една трудна жена и едно и пол годишно дете, додека 30 Палестинци беа повредени.
Во изминатиот четврток страните постигнаа примирје со посредство на Египет.