Kübra Chohan
12 Август 2018•Ажурирај: 13 Август 2018
АКТАУ (AA) - Азербејџан, Иран, Казахстан, Русија и Туркменистан, петте држави на каспиското приморје, денес постигнаа договор за правниот статус на Каспиското Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, иранскиот претседател Хасан Рохани, казахстанскиот претседател Нурслутан Назарбајев, рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, се состанаа во казахстанскиот град Актау, по повод петтиот Касписки самит.
Самитот главно се фокусираше на правниот статус на Каспиското Море.
По падот на Советскиот Сојуз, државите кои имаат излез на касписките брегови почнаа преговори за правниот статус на морето. Меѓутоа, широките поделби помеѓу овие земји создадоа мртва точка, спречувајќи делење на богатите морски ресурси.
Според Договорот, подрачјето од 15 наутички милји од брегот ќе се смета за територија на секоја соодветна земја. Риболовните зони ќе почнат од 25 наутички милји од брегот на секоја земја.
Преостанатите делови ќе бидат неутрални зони отворени за вообичаена употреба. Дното на Каспиското Море ќе биде поделено помеѓу приморските држави.
Во Договорот се вклучени и принципите за зачувување на воениот баланс, заштитата на биолошките ресурси и безбедноста на пловидбите.