Associated Press
04 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Околу 1.700 фоки се пронајдени мртви на брегот на Каспиското Море во јужна Русија, соопштија денес руски официјални лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Власта во руската провинција Дагестан објави дека сè уште не е јасно што го предизвикало поморот на животните во Каспиското Море, но се смета дека веројатно починале поради природни фактори.
Регионалните претставници првично соопштија дека на брегот се пронајдени 700 мртви фоки, но утрово Заур Гапизов, шеф на Каспискиот центар за заштита на животната средина, за државната новинска агенција РИА Новости, изјави дека по поширока инспекција на брегот на Каспиското Море е утврдено дека бројката на мртвите животни изнесува 1.700.
Гапизов рече дека фоките веројатно починале пред неколку недели, додавајќи дека нема знаци дека се убиени од страна на ловокрадци.
Експертите на Федералната агенција за рибарство и обвинителите го прегледаа брегот и собраа податоци за лабораториски истражувања, кои според првичните резултати не детектирале никакво загадување.
Неколкуте претходни инциденти на масовен помор на фоки се припишувани на природни фактори.
Податоците за бројката на фоки во Каспиското Море варираат. Агенцијата за рибарство објави дека вкупниот број на касписки фоки изнесува од 270.000 до 300.000, додека други проценуваат дека станува збор за 70.000 единки.