Ekip
28 Мај 2020•Ажурирај: 29 Мај 2020
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека ќе продолжи со планот за анексија на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервјуто за израелскиот дневен весник „Израел Хајом" (Israel Hayom), Нетанјаху вели дека Палестинците кои живеат во анексираното подрачје во долината Јордан и на Западниот Брег ќе останат „палестински субјект во енклави“, под израелска безбедносна контрола, но без израелско државјанство.
„Ако тие (Палестинците) се согласат со тоа (условите на Нетанјаху), тогаш ќе имаат сопствен идентитет што претседателот Доналд Трамп го дефинира како држава“, рече Нетанјаху.
Нетанјаху додаде дека Палестинците мораат да исполнат 10 тешки предуслови според Трамповиот план за да добијат своја држава.
Предусловите предвидуваат Палестинците да го признаат „израелскиот суверенитет на подрачјето западно од Јордан, го чуваат Ерусалим (Кудс) обединет, да не влезе ниту еден бегалец, израелски суверенитет на подрачјето на Јудеја и Самарија (Западниот Брег) и.т.н.“
Нетанјаху додаде дека Палестинците мораат да се согласат и на фактот дека Израел „ја контролира безбедноста во сите подрачја“.
Се очекува Израел на 1. јули да анексира подрачјата на Западниот Брег, како што тоа е договорено меѓу премиерот Нетанјаху и Бени Ганц, лидерот на партијата на Сино-белите.
Планот за анексија наиде на жестока меѓународна осуда и огорчување.
Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим (Источен Кудс), според меѓународното право се сметаат за окупирана територија, поради што сите еврејски населби на тоа подрачје и планираната анексија се илегални.