Mohammad Sıo
01 Август 2024•Ажурирај: 02 Август 2024
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека во Тел Авив се подготвени на секакво сценарио по убиството на лидерот на Хезболах, Фуад Шукр, пренесува Анадолу.
Нетанјаху нагласи дека војната во Газа нема да запре.
„Од почетокот на војната јасно дадов до знаење дека се бориме против иранската оска на злото“, рече Нетанјаху во снимената порака што ја објавија локалните медиуми.
Во пораката додава дека во обраќањето во американскиот Конгрес ги нагласил „трите главни оружја на иранската оска на злото: Хамас, Хусите и Хезболах“.
„Во изминатите неколку дена му зададовме поразителен удар на секој од нив. Пред три недели го гаѓавме шефот на штабот на Хамас, Мухамед Деиф. Пред две недели ги нападнавме Хусите во една од далекосежните операции, а вчера го гаѓавме шефот на штабот на Хезболах“, рече Нетанјаху.
Израелската војска потврди дека во вторникот вечер извршила напад во јужното предградие на Бејрут. Израел тврди дека Шукр бил организатор на саботниот ракетен напад на Мајдал Шамс на окупираната Голанска Висорамнина, во кој загинаа 12 лица.
Хезболах негираше каква било одговорност и поврзаност со смртоносниот напад.
„Предизвиците се пред нас, а од ударот во Бејрут од сите страни се слушаат закани. Подготвени сме за секое сценарио и ќе бидеме обединети и одлучни против секоја закана“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека со месеци се соочуваат со притисоци да ги запрат нападите, но истакна дека „не им подлегнува“.
„Да се предадовме, немаше да ги уништиме терористите и нивната инфраструктура. Немаше да го контролираме Филаделфискиот коридор и немаше да создадеме услови што нѐ приближуваат до планот за ослободување на заложниците“, истакна Нетанјаху.
Израел во вторникот објави дека го убиле истакнатиот командант на Хезболах во воздушен напад врз Бејрут. Хезболах доцна синоќа ја потврди неговата смрт.
Неколку часа по нападот во Бејрут Хамас потврди дека Тел Авив го убил Исмаил Ханије во воздушен напад врз резиденцијата во која престојувал во Техеран, каде што пристигна за да присуствува на инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан.