Ahmet Dursun
01 Август 2024•Ажурирај: 02 Август 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Погребна церемонија се одржа за шефот на Политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, кој беше убиен во атентат извршен во Техеран, главниот град на Иран, јавува Анадолу.
На церемонијата во Техеран присуствуваа иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, како и голем број високи цивилни и воени претставници.
Иранскиот лидер Али Хамнеи ја изврши погребната молитва во кампусот на универзитетот во Техеран.
Илјадници луѓе чекаа пред портите на универзитетот за да влезат во просторот за молитва, каде што беше дозволен влез само за ограничен број луѓе.
По молитвата луѓето ги исполнија Плоштадот на револуцијата во близина на универзитетот и патиштата што водат кон тоа подрачје.
По церемонијата во Техеран, Исмаил Ханије утре ќе биде испратен на последното патување во Доха, главниот град на Катар.
- „Нападот е извршен во координација на САД“ -
Говорејќи пред погребната молитва, претседателот на иранскиот Парламент, Мухамед Бакир Калибаф, истакна дека атентатот на Ханије е извршен во координација на Соединетите Американски Држави (САД).
Давајќи пофалби за борбата на Ханије за Палестина, Калибаф истакна:
„Знаеме дека овој напад се случи со поддршка и координација на Соединетите Американски Држави. Наша должност е да одговориме на ова убиство во вистинско време и место.“