Mohammad Sıo
21 Февруари 2025•Ажурирај: 22 Февруари 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес, придружуван од војници, влезе во палестинска куќа во бегалскиот камп Тулкарем во северниот дел на Западниот Брег, објавија израелските државни медиуми, пренесува Анадолу.
Израелската јавна телевизија КАН објави фотографија на Нетанјаху во една куќа заедно со израелски воени офицери.
Според достапните информации, последната јавно објавена посета на Нетанјаху на Западниот Брег била во септември 2024 година, кога го обиколил источниот дел на границата со Јордан.
Неговата посета дојде само неколку часа откако израелскиот министер за одбрана Израел Кац влезе во истата куќа за време на неговата обиколка на тоа подрачје.
На фотографијата се гледаат и израелски војници кои поставуваат израелско знаме на еден од ѕидовите на куќата.
Нетанјаху најави и нова воена операција на Западниот Брег, по серијата експлозии што погодија автобуси во Израел претходниот ден.
Во четвртокот, повеќе експлозивни направи беа активирани во автобуси во Бат Јам и Холон, во близина на Тел Авив, предизвикувајќи пожари, но немаше повредени. Израелската полиција сè уште не обвини како одговорна за нападите ниту една палестинска група.
„Ние уништуваме цели улици, ги елиминираме милитантите, а јас дадов инструкции за засилување на Западниот Брег заедно со дополнителни воени операции“, рече Нетанјаху во снимената изјава од Тулкарем, што ја објави канцеларијата на премиерот.
Тој додаде дека воената кампања има за цел да ја разбие инфраструктурата на палестинските вооружени фракции.
Речиси два месеци израелските сили спроведуваат воени операции во бегалските кампови на северниот дел на Западниот Брег, особено во Џенин, Тулкарем и Тубас.
Претходно денес, израелската војска најави распоредување на три дополнителни баталјони на Западниот Брег по директивата на Нетанјаху за „силна операција“.