Sinan Doğan
10 Јануари 2024•Ажурирај: 11 Јануари 2024
БОГОТА (АА) - Тројцата полицајци што беа киднапирани од членови на банда во Еквадор се спасени за време на операцијата во градот Мачала, јавува Анадолу.
Насилството ескалираше во јужноамериканската земја откако водач на банда избега од затвор.
Вооружени лица упаднаа во студиото на „ТЦ Телевизион“ во градот Гвајакил за време на директен пренос.
На снимката објавена на социјалните мрежи се гледа како луѓе со маски на лицата ги земаат како заложници луѓето од студиото и ставаат експлозив во џебот на спикерот.
На снимката се гледа и како луѓе од групата покажуваат гранати кон камерата.
Во соопштението на еквадорската полиција се наведува дека во акцијата во Мачала биле спасени тројцата полицајци што биле киднапирани од членови на банда, а продолжува операцијата за ослободување на другите полицајци и чувари.
Локалните медиуми наведуваат дека членови на банда држеле повеќе од 130 затворски чувари како заложници, а неколкумина убиле.
Полицијата наведе дека продолжуваат судирите меѓу безбедносните сили и вооружените напаѓачи во некои делови на Гвајакил.
- Вооружени групи -
Веднаш по упадот за време на преносот во живо вооружените групи организираа напади во различни делови на градот во кои се убиени осуммина цивили, а двајца се ранети.
Во меѓувреме полицијата соопшти дека се уапсени сите 13 лица што упаднале во студиото на „ТЦ Телевизион“.
Градоначалникот на Гвајакил, Аквилес Алварез, објави дека вооружени напаѓачи убивале луѓе пукајќи по случаен избор во возилата.
На снимката што се појави на социјалните мрежи се гледа како во бомбашкиот напад во воздух е кренато полициско возило.
- Вонредна состојба -
Откако водач на банда избега од затвор, со декрет потпишан од претседателот Даниел Нобоа беше прогласена вонредна состојба.
Генералниот секретар за комуникации на Кабинетот на претседателот, Роберто Изуриете, изјави дека е започната операција со околу 3.000 припадници на безбедносните сили откако водачот на банда, Адолфо Масијас Салазар, познат како Фито, и неколку затвореници побегнале од затворот во градот Гуајас.
Тој истакна дека овие луѓе се исклучително опасни.
Изуриете рече дека претседателот Нобоа потпишал декрет за вонредна состојба поради овој случај и дека полицискиот час ќе биде воведен меѓу 23 часот и 5 часот наутро во овој период.
- Киднапирани голем број полицајци -
Како што јавуваат локалните медиуми, по одлуката за двомесечна вонредна состојба, криминалните групи киднапираа голем број полицајци и ги запалија нивните возила.
Еквадорската полиција објави дека се ангажирани специјални единици за апсење на сторителите.
На снимките објавени на социјалните мрежи може да се видат полицајци како бараат помош од претседателот Нобоа со пиштоли вперени во главите откако се киднапирани од членови на банда.
Еквадор подолго време се бори со безбедносна криза.
Претседателот Даниел Нобоа на 7 јануари објави дека насилството во затворите повторно ескалира и тогаш најави дека ќе биде прогласена вонредна состојба.