Ahmed Asmar
10 Јануари 2024•Ажурирај: 11 Јануари 2024
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас отфрли каков било обид за раселување на Палестинците на средбата денес со американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Западниот Брег, пренесува Анадолу.
Блинкен пристигна во Рамала денес во рамките на регионалната турнеја што ја започна со посета на Туркије за разговори за конфликтот во Појасот Газа.
„Ние нема да дозволиме раселување на кој било Палестинец, без разлика дали е во Појасот Газа или Западниот Брег“, рекол Абас на средбата, јави државната новинска агенција Вафа.
Палестинскиот лидер предупредил на израелските мерки за раселување на Палестинците од нивната територија.
„Појасот Газа е составен дел од палестинската држава“, нагласи тој.
Неколкумина израелски официјални претставници повикаа на раселување на Палестинците од Појасот Газа во текот на израелската офанзива на приморската енклава.
Абас треба да отпатува во Јордан подоцна во текот на денот за да присуствува на трилатералниот арапски самит со лидерите на Јордан и Египет.
Досега Вашингтон се воздржуваше од повикување на прекин на огнот во Појасот Газа и му обезбеди на Тел Авив воена, разузнавачка и дипломатска поддршка.
Израел започна напади на палестинската енклава по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври. Во израелските напади, според локалните здравствени власти во Газа, досега загинати се најмалку 23.357 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се 59.410.
Според официјалните бројки, речиси 1.200 лица загинале во Израел.
Според Обединетите нации, раселени се околу 85 отсто од жителите на Газа. Стотици илјади луѓе живеат без засолниште, а на територијата на енклавата влегуваат помалку од половина од камионите со хуманитарна помош отколку пред почетокот на конфликтот.