свет

Најмалку четиринаесет Палестинци, меѓу кои и деца, убиени во новите израелски напади низ Газа

Израелските сили ги гранатираа шаторите во кои беа сместени раселени семејства, домовите и цивилите, и отворија оган врз луѓето што чекаа хуманитарна помош

Mohammad Sıo  | 25.08.2025 - Обновена : 25.08.2025
Најмалку четиринаесет Палестинци, меѓу кои и деца, убиени во новите израелски напади низ Газа Фото: Khames Alrefi/AA

ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку четиринаесет Палестинци, меѓу кои деца, се убиени, а повеќемина повредени денес во новите израелски напади низ Појасот Газа, според медицински извори и очевидци, јавува Анадолу.

Израелските сили ги гранатираа шаторите во кои беа сместени раселени семејства, домовите и цивилите, и отворија оган врз луѓето што чекаа хуманитарна помош.

Во северниот дел на Газа, во воздушен напад беа убиени татко и неговите три деца, а други се водат како исчезнати кога беше погодена населена куќа во близина на болницата Ал-Карама, северозападно од градот Газа.

Едно девојче е убиено, а неколку други се повредени во артилериски оган врз домови во близина на пекарница во северниот дел на градот Газа.

Пријавени се други повредени лица кога шатор во кој се сместени раселените лица беше погоден во западната населба Ал-Римал во градот Газа.

Израелските сили, исто така, детонираа згради користејќи роботи полни со експлозив во областа Ал-Зарка во градот Газа, јужниот округ Ал-Зајтун и Џабалија ал-Назла на север, додека истовремено со тешка артилерија го бомбардираа кружниот тек Ал-Назла во Џабалија, нејзините гробишта и областа Ал-Губари.

Во централниот дел на Газа, петмина Палестинци, вклучувајќи и едно девојче, беа убиени, а други беа повредени кога во израелски напад беше погодена група која обезбедуваше хуманитарна помош во близина на преминот Кисуфим источно од централниот дел на губернијата.

Во израелски оган е убиен еден Палестинец, а шест други се повредени, чекајќи американска хуманитарна помош во близина на пунктот на улицата Салах ал-Дин, јужно од Вади Газа, во централниот дел на Газа.

Во јужниот дел на Газа, една жена е убиена, а седум лица повредени кога израелските сили нападнаа шатор во кој се засолнувале раселените лица во областа Ал-Маваси, северозападно од Рафа.

Одделно, двајца Палестинци се убиени кога во израелски напад е погодена зграда во медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис.

Израел уби речиси 62.700 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.