Ayhan Şimşek
20 Декември 2024•Ажурирај: 22 Декември 2024
БЕРЛИН (АА) - Најмалку две лица загинаа, а над 60 се повредени откако автомобил влета во маса луѓе на Божиќен панаѓур во градот Магдебург, во источна Германија, јавува Анадолу.
Портпаролот на покраинската влада на Саксонија-Анхалт за јавниот радиодифузен сервис МДР изјави дека властите го третираат инцидентот како „напад“ бидејќи автомобилот влетал директно во масата луѓе.
Премиерот на покраинската влада, Рајнер Хаселоф, потврди дека во нападот загинале две лица, од кои едно е дете. Тој додаде дека 60 лица се повредени, од кои неколку потешко.
Полицијата потврди дека по инцидентот возачот веднаш е уапсен. Германската новинска агенција ДПА објави дека осомничениот е маж на 50-годишна возраст за кој се верува дека е државјанин на Саудиска Арабија. Властите не објавија за потенцијален мотив.
На терен се испратени служби за итна помош и пожарникари. На снимките може да се види како брзата помош работи на згрижување на повредените, додека се обидува да ги пренесе до болниците.
На снимките на социјалните мрежи се гледа како темен автомобил со голема брзина се втурнува во толпата, предизвикувајќи паника и хаос на Божиќниот панаѓур. Властите не ја потврдија автентичноста на видеото.
Полицијата по инцидентот презеде силни безбедносни мерки и го обезбеди местото на настанот.