БРИСЕЛ (АА) - Најмалку шест лица загинаа, меѓу кои и едно дете, а над 30 се повредени кога автомобил се втурна во толпа луѓе на карневал во Белгија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Инцидентот се случи рано утрово околу 5 часот по локално време во Стрепи-Бракени, мало населено место на околу 50 километри јужно од Брисел.
Најмалку 10 лица се тешко повредени, додека 24 се здобиле со полесни повреди, јавија локалните медиуми.
Обвинителите соопштија дека две лица на околу 30 години се уапсени и дека сè уште нема докази што укажуваат на терористички мотиви.
Претходно, Жак Гобер, градоначалник на блискиот град Ла Лувиер, изјави дека автомобилот го напуштил местото откако удрил во толпата, но бил пресретнат.
Очевидци за локалните медиуми рекоа дека кога автомобилот влетал во толпата на карневалот имало околу 150 луѓе.
„Слушнавме силен звук зад нас..., а потоа автомобил удри во група луѓе“, изјави очевидец.
„Ужасни вести од Стрепи-Бракени. Собирот на заедницата беше погоден во срцето“, напиша премиерот Александар Де Кро на Твитер.
„Моите мисли се со жртвите и нивните најблиски. Целата моја поддршка оди и кон службите за итни случаи за нивната пружена помош“, додаде тој.
Локалните медиуми објавија дека Де Кро и белгискиот крал Филип ќе го посетат местото.
Белгиската министерка за внатрешни работи, Анелис Верлинден, исто така, упати „најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и повредените во инцидентот утринава“.
„Она што требаше да биде одлична забава се претвори во трагедија. Внимателно ја следиме ситуацијата“, напиша таа на Твитер.