Најмалку 23 Палестинци се убиени во израелски напад насочен кон цивили кои чекаат хуманитарна помош во Газа
- Според очевидците, израелски воени возила и беспилотни летала отвориле директно оган врз гладните и жедни цивили кои се собрале да добијат хуманитарна помош.

ГАЗА (АА) - Најмалку 23 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа денес, известува Анадолу.
Според изјавите на очевидците, израелските воени возила и беспилотни летала отвориле директен оган врз гладните и жедни цивили кои се собрале да примат хуманитарна помош.
Нападот се случил во близина на дистрибутивен центар поставен за хуманитарна помош во Коридорот Нецарим во централна Газа.
Здравствени извори претходно информираа дека најмалку 15 лица се убиени, а голем број се тешко повредени во нападот.
Според официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, здравствените власти соопштиле дека телата на петте лица кои ги загубија животите во израелскиот напад пристигнале во болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Три лица се убиени во напад на беспилотни летала на израелската армија насочени врз група Палестинци во близина на Исламскиот универзитет јужно од Хан Јунис.
Од 27 мај, Израел дистрибуира помош надвор од контролата на Обединетите нации и меѓународните организации за помош, под име на „Фондација за хуманитарна помош во Газа“, предводена од САД и Израел.
Оваа организација не е призната од ОН и е отфрлена од палестинските групи. Хамас овој систем го опишува како „стапици на смртта“.
Израел ги држи затворени сите копнени гранични премини кон Појасот Газа од 2 март. Додека на стотици камиони со хуманитарна помош се спречени да влезат во палестинската енклава, само ограничен број возила можат да поминат низ граничниот премин Керем Абу Салим, иако на Газа ѝ се потребни најмалку 500 камиони со помош дневно.
Нападите на Израел врз Газа од 7 октомври 2023 година резултираа со голема хуманитарна катастрофа поради интензивно бомбардирање, изгладување, присилно раселување и уништување на инфраструктурата. И покрај повиците за прекин на огнот од меѓународната заедница и Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжуваат со нападите со несмален интензитет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.