Mohammad Sıo
14 Јуни 2025•Ажурирај: 15 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денес се закани дека ќе го „запали Техеран“ доколку Иран продолжи да истрелува ракети врз израелска територија, известува Анадолу.
Кац оваа изјава ја дал за време на безбедносната проценка на високо ниво, на кое присуствувале началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили Ејал Замир, директорот на Мосад, Дејвид Барнеа, и други високи воени претставници, објави израелскиот весник „The Times of Israel“.
„Иранскиот диктатор ги претвора граѓаните на Иран во заложници и создава реалност во која тие, особено жителите на Техеран, ќе платат висока цена за криминалниот напад врз израелски цивили,“ изјави Кац, мислејќи на иранскиот врховен лидер Али Хаменеи.
„Доколку Хаменеи продолжи да истрелува ракети кон израелскиот домашен фронт, Техеран ќе гори,“ предупреди Кац.
Претходно, израелскиот началник на Генералштабот Ејал Замир и командантот на воздухопловството Томер Бар изјавија дека „патот кон Иран е поплочен,“ најавувајќи нови воздушни напади врз главниот град Техеран.
Според плановите, израелските воздухопловни сили ќе напаѓаат цели во Техеран, се додава во веста.
Израел започна масовен воздушен напад врз Иран рано наутро во петокот, таргетирајќи нуклеарни објекти и ракетни бази, при што беа убиени високи воени команданти и нуклеарни научници.
Подоцна истата вечер, Иран возврати со серија напади со ракетни и дронови. Израелските медиуми објавија дека во нападите загинале три лица, а 172 се повредени.