Barış Kahraman
02 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
АНКАРА
Меѓународното истражување спроведено од научници откри дека повеќето од локациите кои би можеле да бидат центри за можни нови видови коронавируси се наоѓаат во Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во студијата, спроведена во соработка со научници од Универзитетот „Калифорнија Беркли“, Политехничкиот универзитет во Милано и Универзитетот „Масеј“ од Нов Зеланд, се испитуваа природните живеалишта на лилјаците, од Западна Европа до Југоисточна Азија.
Студијата исто така опфати населби со најчести интеракции меѓу луѓе и животни и локации со земјоделство и сточарско производство.
Испитувајќи ги природните живеалишта на лилјаците, истражувачите идентификувале точки што би можеле да бидат новите центри на болести кои веројатно ќе може да заразат други суштества, вклучувајќи ги и луѓето.
Истражувачите, истакнувајќи дека повеќето од локациите кои би можеле да бидат центри за нови видови коронавируси се наоѓаат во Кина, забележале дека некои шумски региони во Јапонија и Северните Филипини се исто така изложени на ризик.
Тие исто така предупредија дека регионите на Тајланд и Индокина можат да станат центри ако се зголеми производството на добиток.
Проф. Паоло Д‘Одорико, истражувач за животна средина од Универзитетот „Калифорнија“, истакна дека ефектите од промените во користењето на земјиштето треба внимателно да се проценат и во однос на животната средина и во однос на здравјето на луѓето.
Подвлекувајќи дека се особено загрижени од интензивното производство на добиток, научниците забележаа дека соживотот на голема популација на генетски слични и често имуносупресирани животни кои се ранливи на епидемии претставуваат големи ризици.
- Ковид-19 за првпат е забележан на Пазарот за храна во Вухан
Светот за првпат дозна за избувнувањето на епидемијата со Ковид-19 кога Кина на 31 декември 2019 година го информира СЗО дека во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи, се појавило „мистериозно респираторно заболување од непознато потекло“.
Болеста најпрво била забележана кај луѓето што го посетиле Пазарот за морска храна во Вухан, а првиот пациент бил примен во болницата на 17 ноември со поплаки дека има „респираторна болест“ од непознато потекло.
Разбирливо беше дека болеста што предизвикува гноење на белите дробови е предизвикана од претходно непознат вид коронавирус, за кој се претпоставува дека е мутиран бета коронавирус пронајден кај лилјаците.