Ekip
02 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Утре низ светот се одржува Светскиот ден на велосипедизмот, а лекар од Индија верува дека велосипедизмот претставува лек за ревматски, срцеви и ментални заболувања, покрај тоа што го одржува човекот здрав, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за АА, д-р Аман Шарма, професор на Отсекот за клиничка имунологија и ревматологија на постдипломскиот Институт за медицинско образование и истражување во северниот индиски град Чандигар, изјави дека велосипедизмот може да игра улога во лекување на оние кои боледуваат од ревматски артритис (RA).
„РА е независен ризик-фактор за срцеви заболувања и од спортот како што е велосипедизмот сигурно ќе има голема корист и од тој аспект“, рече Шарма. Тој рече дека велосипедизмот може да им помогне на пациентите кај кои нема сериозно заболување на коленото и кои можат лесно да вртат.
Според д-р Шарма, бидејќи пандемијата предизвика загриженост за менталното здравје, велосипедизмот може да игра позитивна улога.
„Актуелната пандемија на Ковид-19 направи огромна штета врз менталното здравје на секое човечко суштество, а велосипедизмот помага позитивно“, рече лекарот, водечки експерт за ревматологија.
Шарма рече дека, како и другите вежби, и возењето велосипед носи фактор на „добро чувство“, што е неопходно не само за физичката, туку и за менталната благосостојба.
Лекарот рече дека е охрабрувачки да се видат луѓе кои возат велосипеди во Индија, каде што голем дел од населението се бори со болести.
„Возењето велосипед е многу добра вежба и таа беше ставена во фокусот за време на тековната пандемија. Бидејќи спортските сали се затворени, добиваме извештаи дека овој тренд сега е зголемен“, рече д-р Шарма. Тој го опиша овој тренд како многу охрабрувачки.
- Појава на велосипедски групи
Медицинскиот експерт, исто така, рече дека многу велосипедски групи се појавиле со текот на времето, помагајќи им на луѓето да се поврзат и исто така да поминуваат квалитетно време заедно.
„Јас возев со моите колеги и можам да ви кажам дека овие денови е единственото време кога постои некаква форма на неформална социјална интеракција. Кога ќе тргнеме на пат, овие денови гледаме толку многу луѓе кои возат велосипед, или сами или во групи. Тоа ќе помогне на различни начини“, изјави Шарма.
Извештајот на Светската здравствена организација во 2019 година ја рангира Индија на осмото место во светскиот индекс по распространетоста на недоволната физичка активност кај адолесцентите.
Додека ограничувањето на движењето поради Ковид-19 дополнително ја ограничува физичката активност, луѓето сè повеќе се рекреираат со велосипедизам.
Прашант Кумар (30) од северната покраина Пунџаб е еден од таквите случаи. Минатата година во март, кога беа воведени ограничувања низ целата земја, Кумар и неговите пријатели формираа мала група во нивното место со цел да возат велосипеди секое утро.
Тој рече дека возењето велосипед му помогнало да ја намали телесната тежина и да биде во добра форма.
„Среќни сме што сѐ повеќе луѓе ни се придружуваат секоја недела и групата расте“, изјави Кумар за АА.
Зборувајќи за АА, Рахул Трехан (35), жител на главниот град Њу Делхи, рече дека оваа година, кога биле укинати ограничувањата, купил нов велосипед.
„За време на карантинот минатата година, претежно бевме во своите домови. Значи, кога моите пријатели се свртеа кон велосипедизмот, им се придружив и јас“, рече тој.
Според извештајот составен од Индиската аналитичка агенција која обезбедува кредитен рејтинг (Credit Rating Information Services of India Limited (CRISIL)), индиската велосипедска индустрија се движи кон декаден раст на висока побарувачка од 20 отсто во оваа финансиска година, со продажба која веројатно ќе достигне над 14,5 милиони единици во споредба со 12 милиони единици во текот на минатата финансиска година.