Büşra Nur Bilgiç
03 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Лидерите на земјите членки на НАТО денес ќе се состанат во Лондон за да ја одбележат 70-годишнината на Алијансата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кралицата Елизабета ќе биде домаќин на шефовите на државите и владите во Бакингамската палата на приемот, со што ќе се прослави 70-годишнината на Алијансата.
Лидерите потоа ќе бидат пречекани од премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, на Даунинг стрит 10 на вечера.
Лидерите на 29 земји членки на НАТО, меѓу кои и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, американскиот претседател, Доналд Трамп, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, германската канцеларка, Ангела Меркел, францускиот претседател, Емануел Макрон, и канадскиот премиер, Џастин Трудо, присуствуваат на Самитот.
„Учесниците на Самитот ќе разговараат за актуелните безбедносни прашања и ќе донесат одлуки во правец на подготвноста на НАТО за иднината“, се вели во денешното соопштение на Алијансата.
„Се очекува да се постигне согласност за неколку мерки, меѓу кои и понатамошното усовршување на подготвеноста на сојузничките сили, прифаќање на просторот на вселената како подрачје на делување и уредување на акциониот план на НАТО за борбата против тероризмот“, се додава во соопштението.
Се истакнува дека лидерите ќе имаат и стратешка дискусија за Русија, за иднината на контролата на оружјето, како и за подемот на Кина.
Ердоган замина за Лондон рано утринава, а подоцна во текот на денот ќе има четирилатерална средба за Сирија со Макрон, Меркел и Џонсон.