Mücahit Oktay
28 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
ЊУЈОРК
Поради лошите временски услови одложено е историското лансирање на вселенското летало со човечки екипаж во орбитата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соработка со Американската вселенска агенција НАСА, компанијата „Спејс екс“ денеска планираше во орбитата да лансира вселенски шатл со двајца астронаути, но тој чин беше одложен во последен момент.
НАСА неколку минути пред планираното лансирање соопшти дека тоа нема да се случи поради неповолните временски услови.
Во соопштението се наведува дека лансирањето е одложено за сабота.
Историското лансирање требаше да се случи од базата „Кенеди“, а на Флорида допатува и американскиот претседател Доналд Трамп кој требаше да присуствува на тој чин.
„Спејс екс“ со ракетата „Кру драгон“ требаше во орбитата да ја прати првата астронаутска мисија по девет години. Мисијата ја сочинуваа астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен.
Слетувањето на Меѓународната вселенска станица по 19-часовниот лет би било голем успех за НАСА и „Спејс екс“, бидејќи би се реализирала американската цел, американските астронаути од американско тло во вселената да летаат со американско вселенско летало. Претходните години се користеа руските ракети „Сојуз“.
Тоа ќе биде и прво лансирање на ракета на приватна компанија и прво лансирање на ново летало по четири децении, што на НАСА и на американската вселенска програма во иднина ќе им донесе големи парични заштеди.