Mohammad Sıo
14 Ноември 2025•Ажурирај: 14 Ноември 2025
ГАЗА/ ИСТАНБУЛ (AA) – Повеќе од 900.000 раселени цивили во јужна Газа се соочуваат со сериозен ризик од поплави поради приближување на силно невреме, предупредија вчера локалните власти, додека хуманитарната состојба драматично се влошува поради масовното уништување од двегодишната израелска војна, јавува Анадолу.
Портпаролот на општината Кан Јунис, Саеб Лакан, за Анадолу изјави дека претстојната бура „е опасна и може да поплави илјадници шатори покрај крајбрежјето и да оштети големи делови во внатрешноста на градот“, укажувајќи на уништени канализациски мрежи и акумулации со дождовница исполнети до критично ниво.
Палестинската метеоролошка служба предупреди на можна појава на поројни поплави во петок и сабота, особено во доловите и ниските области.
Лакан рече дека општинските служби се соочуваат со „невидена и катастрофална“ ситуација бидејќи повеќе од 900.000 раселени лица живеат во тешки услови, а уништувањето на патната, водоводната и канализациската инфраструктура надминува 85%.
Градот, според него, не може да се справи со речиси 15 милиони тони урнатини оставени по израелските воздушни напади.
„Во израелските напади уништени се околу 210.000 метри патишта, 300.000 метри водоводни цевки и 120.000 метри канализациски линии, оставајќи го градот речиси целосно парализиран“, додаде тој.
Предупреди дека канализациските станици може целосно да престанат со работа поради недостиг на гориво, што може да предизвика масовно излевање на отпадните води и поплавување на цели населби.
По стапувањето во сила на прeкинот на огнот на 10 октомври, општината добила само 16.000 литри дизел-гориво – количина доволна за работа за три дена – додека екипите со основна механизација градат земјени бариери и пренасочуваат водотеци за да ги заштитат шаторските населби и ниските подрачја.
Според официјални лица од Газа, Израел секојдневно го прекршува прeкинот на огнот, со што предизвика стотици палестински жртви и го ограничи влезот на храна и медицински материјали.
Лакан истакна дека 1.900 од вкупно 2.200 одводни канали за дождовница се целосно уништени, иако преку итен проект поддржан од организација поврзана со ОН се чистат преостанатите линии. Општината итно има потреба од мобилни пумпи и дополнителна опрема за да спречи поплави за време на очекуваната бура.
Палестинскиот официјален претставник ја опиша состојбата во Кан Јунис како „исклучително мрачна“ и повика на итна меѓународна помош за расчистување на урнатините и обновување на основните услуги.
Тој ја повика меѓународната заедница „итно да дејствува за да спаси два милиона раселени луѓе што се соочуваат со ризик од поплави и смрт по должината на крајбрежјето на Газа“.
Покрај тоа, Агенцијата за палестински бегалци на ОН (УНРВА) претходно вчера соопшти дека над 282.000 домови во Газа се уништени или оштетени во текот на војната, оставајќи десетици илјади семејства да живеат во шатори додека се приближува зимата.
Во последните две зими силни ветрови и обилни дождови оштетиле или поплавиле десетици илјади шатори, уништувајќи лични работи што завршиле во кал.
На крајот на септември Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека 93% од сите шатори за раселени лица во енклавата се урнати и повеќе не се соодветни за живеење.