свет

Над 60 Палестинци се убиени во континуираните смртоносни напади на Израел низ Газа

- Повеќе од 60 Палестинци, вклучително жени и деца, се убиени во континуираните израелски смртоносни напади низ Појасот Газа од раните утрински часови денес, насочени врз домови, шатори и училишта во кои се сместени раселени лица

Ahmed Asmar  | 20.05.2025 - Обновена : 21.05.2025
Над 60 Палестинци се убиени во континуираните смртоносни напади на Израел низ Газа

АНКАРА (АА) - Повеќе од 60 Палестинци, вклучително жени и деца, се убиени во континуираните израелски смртоносни напади низ Појасот Газа од раните утрински часови денес, насочени врз домови, шатори и училишта во кои се сместени раселени лица, според официјалната палестинска новинска агенција Вафа, јавува Анадолу.

Повеќето од смртоносните напади беа концентрирани на централниот дел на Газа, вклучително 12 убиени во воздушниот напад врз домот на семејството Абу Самра во градот Деир ал-Балах, објави Вафа.

Во друг воздушен напад во бегалскиот камп во западниот дел на Нусејрат се убиени 15 лица.

Во меѓувреме, локалното радио Ал-Акса објави дека девет лица се убиени во израелскиот воздушен напад врз дом во бегалскиот камп Џабалија, Северна Газа, а под урнатините сè уште има исчезнати лица.

Уште неколкумина беа убиени во израелските напади и артилериското гранатирање врз областите во градот Газа и во Хан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, додаде палестинскиот радиодифузер.

Израелската армија во неделата објави почеток на широка копнена офанзива во Појасот Газа, кој е разорен од војна.

Израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени повеќе од 53.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.