Ekip
01 Март 2021•Ажурирај: 02 Март 2021
ЈАНГОН
Судот на Мјанмар подигна уште едно обвинение против соборената челничка на земјата Аунг Сан Су Чу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Су Чу, која беше приведена од страна на Војската на 1 февруари, веќе се соочува со две кривични обвиненија, за нелегално увезување и нелегално поседување воки-токи, како и за прекршување на ограничувањата поради коронавирусот.
Адвокатот на Су Чу, Тае Маунг Маунг, изјави дека новото обвинение што е подигнато против неа, во кое се товари за поттикнување, носи затворска казна од максимум две години.
„Судот во областа Забутири во Нај Пји Тау ќе одржи прелиминарно сослушување преку видеоконференција“, беше цитиран адвокатот од страна на локалните медиуми.
Националниот административен совет, предводен од водачот на воениот пуч и началникот на Војската, Мин Аунг Хлаинг, ја засили акцијата за спречување на движењето против пучот.
Масовните протести против пучот, сепак, денес продолжија низ градовите во Мјанмар.
Полицијата истрела зашеметувачки гранати, солзавец и гумени куршуми за да ги растера толпите што демонстрираат зад импровизираните барикади во најмалку три места на протестите во најголемиот град Јангон.
На снимките споделени на социјалните мрежи се гледа како полицијата и војниците влегуваат во станбените области во северниот град Мандалај и бараат демонстранти, додека гаѓаат со чатали кон лицата на балконите, кои удираат со саксии и тави во знак на протест.
Мио Мин Зав, демонстрант во гратчето Сначаунг, едно од трите главни места за протестирање во Јангон, рече дека ситуацијата е помалку напната од вчера.
„Полицијата и војниците се обидоа вчера да ги спречат протестите уште пред да започнат. Нивната намера беше да се спротивстават на големиот собир против пучот“, изјави тој за АА.
Вчера беше најсмртоносниот ден од воениот удар, кога над десетина лица загинаа за време на операцијата во која безбедносните сили користеа дури и смртоносно оружје.
ОН соопштија дека најмалку 18 лица загинале и 30 се повредени во вчерашните протести, со што вкупниот број демонстранти кои загинаа во протестите изнесува 21.
Според Асоцијацијата за помош на политички затвореници, независно тело формирано од поранешните затвореници на Мјанмар кои живеат во егзил, најмалку 1.132 лица се уапсени или приведени по пучот.
Во нив спаѓаат 26 новинари кои се приведени од безбедносните сили додека известувале за протестите.