БАГДАД (АА) - Хајдар Каралп -
Мочуриштата на југот од Ирак, недалеку од границата со Иран, се најголеми од тој тип на Блискиот Исток, а се сметаат за скриени убавини на Месопотамија.
Режимот на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин, во текот на војната, која траеше осум години, на подрачјето од околу 20.000 квадратни километри ја применуваше политиката на исушување.
Голем дел од населението во ова подрачје, кое е ставено на листата на светското наследство на УНЕСКО, беше приморано да го напушти тој регион.
- Арапи од мочуриште -
Населението, познато и под називот „Арапи од мочуриште“ или „жители на Ахвар“, што се врати во куќите по соборувањето на режимот во 2003 година, се жали дека сегашните власти го запоставиле подрачјето, кое е од големо значење.

Мочуриштата, кои опфаќаат значителен дел од Басра, Мајсан и Ди Кар, се намалени поради споменатата политика, а врз нив последици оставија и климатските промени.
Населението во Ахвар Ал-Чибајишу, кое му припаѓа на Насирија, средиштето на провинцијата Ди Кар, се занимава со земјоделство, рибарство и одгледување животни, токму како што тоа го правеле нивните предци.
Жителите на Ахвар живеат во крајбрежните подрачја, а заработката ја остваруваат со продажба на млеко на купувачите во другите делови од државата.
И жените од овие подрачја важат за исклучително вредни, а настојуваат со сопрузите да го поделат товарот на тешкиот живот.
Во раните утрински часови ја молзат стоката, а потоа млекото го ставаат во големи садови кои им ги предаваат на мажите. Потоа тие го распоредуваат млекото во помали садови, кои со чамци ги превезуваат во други места и градови.
- Рибарството како извор на приходи -
Екипата на Агенција Анадолија (АА) забележа кадри од секојдневниот живот во мочуриштата на подрачјето каде што се спојуваат Тиграт и Еуфрат.

Мухсин Чихејл Хусеин се занимава со рибарство.
„Моментално има помалку риби отколку претходните години поради што приходите се помали. Тука луѓето зависат од природата на мочуриштата. Рибите кои ги ловиме тука, ги продаваме во градовите, меѓу кои се Наџаф, Кербела и Бабил. Секоја вечер доаѓаме околу два часот по полноќ и ловиме риба до попладневните часови“, рече тој.
Татко е на седум ќерки и два сина. Едниот син студира, а другиот се занимава со рибарство како и таткото.
Еден од жителите е и активистот Раад Хабиб Еседи, кој вели дека иранско-ирачката војна е „почеток на катастрофата за исушување на Ахвар (мочуриштата)“.
„Тогаш ова подрачје беше воена зона и оние што му се спротивставуваа на Садам Хусеин престојуваа тука. Режимот сакаше да ги замолчи, па се извршени многу уништувања на биодиверзитетот. Исушувањето на мочуриштата доведе до иселување на луѓето и животните. Овие семејства се населија во други подрачја на Ирак, а дел од нив мигрираа во Иран. Некогаш живееле околу милион жители, а моментално нема повеќе од 10.000“ вели Еседи.
- Куќи од трски -
Еседи наведува дека подрачјето на мочуриштата, на арапски познато како „Ахвар“, е најголемо мочуришно подрачје на Блискиот Исток. Додава дека тука пред 2003 година живееле повеќе од 250 видови птици.

Наведува дека многу животни се уништени и им се заканува исчезнување. Покрај тоа, значително е намален и бројот на стоката.
„Сето тоа е последица на исушувањето и на невнимание“, смета Еседи.
Тој предупредува дека и на многу видови риби од тоа подрачје им се заканува исчезнување.
Еседи наведува дека исушувањето на тоа подрачје ги тера луѓето на иселување, што се одразува и на традицијата и на обичаите, како и на оддалечување на членовите од семејството.
Ги критикуваше централните власти, но и пониските нивоа на власта, наведувајќи дека не се применува исправна политика за поттикнување во секторите на водостопанството, земјоделството и одгледувањето на животните.
Луѓето ги прават тука куќите од трска, а не од цигла и камења како што тоа е случај во други делови од земјата. Оние што живеат во нив наведуваат дека така се штитат од жештините во текот на летото и од ладното време во текот на зимата.
Токму овие куќи му даваат посебна магија на овој предел.
Иако оваа зона по 2003 година е отворена за туристички посети, безбедносните проблеми и незаинтересираноста на градските власти го отежнуваат доаѓањето на посетителите.