Mohamad Misto
28 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
ХАСЕКА/АНКАРА - МУХАМАД МИСТО
Русија, продолжувајќи да го зајакнува своето присуство во и околу Хасека, што е окупирана од терористичката организација ЈПГ/ПКК во североисточна Сирија, го зголеми бројот на војниците на 1000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, Русија во последниот месец го забрзала распоредувањето војници во базите и другите воени точки во провинцијата Хасека на истокот од реката Еуфрат.
Во текот на месец декември, руската Армија со транспортни авиони од воздухопловната база „Хмејмим“ во Латакија испрати стотици оклопни возила и логистички камиони во областа Камишли во Хасека.
Минатата недела, голем број руски војници, заедно со 2 борбени авиона и 6 хеликоптери, пристигнаа во областа Камишли од базата во Латакија.
Војниците се распоредени на аеродромот „Камишли“ и блиската руска база под контрола на режимот на Асад.
По засилувањата, бројот на руски војници стационирани во и околу аеродромот се зголеми на 1000.
- Руската Армија ги обучува режимските сили
Русија, исто така, донесе на аеродромот „Камишли“ 1.200 луѓе од редовите на режимот и групите кои се специјално поддржани во различни региони на земјата.
Руските команданти ги обучуваат режимските војници, кои ги поделија во групи од 300 луѓе, во користење тешко оружје и снајпер.
Обуката започнува рано наутро на аеродромот „Камишли“, а со секоја група командуваат по 3 руски војници.
- Присуството на Русија во регионот
Откако Турција на 9 октомври 2019 година ја започна операцијата „Извор на мирот“ против ЈПГ/ПКК, во некои бази ослободени од американските трупи во северна Сирија се стационираа руските сили.
Оттогаш, Русија го зајакна своето присуство со зголемување на бројот на бази во окупираните области од страна на ЈПГ/ПКК источно од реката Еуфрат.
Русија во Хасека, Рака и областите Мунбич и Ајн ал Араб (Кобани) во Алепо, има вкупно 18 бази и полициски станици.
По операцијата „Извор на мирот“, руската Армија направи многу обиди да стигне до нафтените полиња „Румејлан“ на истокот од Камишли, но американската Армија ги попречи.
Зголемените распоредувања на Русија се очекува да ја нарушат воената рамнотежа со Соединетите Американски Држави.
- Присуството на режимот во Хасека
Додека ЈПГ/ПКК ја продолжува својата окупација низ Хасека, режимот на Асад ја контролира планината Кевкеп, безбедносната единица и 156-тата Бригада во центарот на градот.
Во центарот на Камишли, исто така, има аеродром што му припаѓа на режимот, воена бригада и единица за безбедност.
Некои државни институции во провинцијата Хасека исто така се управувани од режимот на Асад.