АНКАРА (АА) - Русија го обвини Киев за „нуклеарен тероризам“, тврдејќи дека украинското гранатирање на територијата на нуклеарната централа „Запорожје“ може да доведе до катастрофа полоша од озлогласената несреќа во Чернобил во 1986 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјите од Г-7 и ЕУ вчера изразија загриженост поради заканите од руското поседување на нуклеарната централа „Запорожје“, барајќи од Москва да ги предаде нуклеарните постројки на земјата разурната од војна на Владата во Киев.
Станицата „Запорожје“ е најголемата нуклеарна централа во Европа, која произведува околу 20 отсто од електричната енергија во Украина.
Руските сили на 4 март го зазедоа објектот кој е од клучно стратешко значење, откако ја нападнаа Украина на 24 февруари.
Иван Нечаев, портпарол на русото Министерство за надворешни работи, рече дека извештаите за предлогот на Демократска Народна Република Кореја да испрати свои доброволци да учествуваат во руската „специјална операција“ во Украина се лажни, додавајќи дека такви преговори не се во тек.
Нечаев, исто така, рече дека повиците на голем број земји да престанат да издаваат шенген-визи за Русите се „отворена манифестација на шовинизам“.
„Швајцарија, откако се приклучи на санкциите, го загуби статусот на неутрална држава, затоа не може да ги застапува интересите на Киев во Руската Федерација“, изјави тој за новинарите.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко, вчера изјави дека неговата земја постигнала начелен договор со Швајцарија за застапување на украинските интереси на територијата на Русија.
Тој, исто така, нагласи дека неодамнешната одлука на САД да додели уште еден пакет воена помош за Киев „само ги одложува борбите“.
- Иранскиот Договор за нуклеарната програма -
Нечаев истакна дека Москва го забележува фокусот на сите земји, вклучително и САД, на брзото враќање на имплементацијата на иранскиот Договор за нуклеарната програма.
„Позитивен резултат во преговорите за обновување на Заедничкиот сеопфатен акционен план е сосема можен, нема нерешливи прашања меѓу страните“, рече тој.
Договорот за нуклеарната програма беше потпишан во 2015 година од страна на Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ.
Во рамките на договорот, Техеран се обврза да ја ограничи својата нуклеарна активност на цивилни цели, а за возврат, светските сили се согласија да се откажат од своите економски санкции против Иран.
Повлекувањето на Трамп од договорот во 2018 година, со повторното воведување санкции на Иран од страна на САД, го натера Техеран да престане да се придржува до договорот.
ЕУ, како координатор на договорот, направи значителни напори да ги врати Иран и САД на преговарачка маса од почетокот на конфликтот.
- Неодамнешните тензии во Карабах -
Говорејќи за неодамнешните засилени тензии во Карабах, Нечаев рече дека Москва е во постојан контакт со ерменската и азербејџанската страна за ситуацијата околу Карабах.
Тој нагласи дека Москва ги смета за неоправдани критиките за работата на руските мировници во регионот.
Минатата недела Азербејџан соопшти дека започнал одмаздничка операција против ерменските сили во регионот на Карабах, откако Ерменија отворила оган и убила азербејџански војник, според азербејџанското Министерство за одбрана.
Ерменија го обвини Азербејџан дека го прекршил договорот од есента 2020 година со кој заврши 44-дневната војна во Карабах, при што Азербејџан го отфрли обвинението велејќи дека не претставува ништо освен само лицемерие.
Азербејџан го осуди неуспехот на Ерменија да ги исполни одредбите од договорот, особено поради тоа што Ерменските вооружени сили сè уште не се повлекле целосно од азербејџанските територии.
Односите меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се затегнати од 1991 година, кога Ерменската армија го окупира Нагорно-Карабах, познат и како Горен Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, како и седум соседни региони.
Последните судири се случија во септември 2020 година, кога Азербејџан ослободи неколку градови и околу 300 населби и села кои беа окупирани од Ерменија речиси три децении.
Договорот со посредство на Русија стави крај на 44-дневниот интензивен конфликт во ноември 2020 година.