Ekipa
11 Август 2022•Ажурирај: 15 Август 2022
ЛОНДОН (АА) - Шведска ја престигна Франција како најголем нето-извозник на енергија во Европа, откако снабдувањето од француските нуклеарни централи достигна историски најниски нивоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според „Енапсис Лтд“, компанија за анализа на податоците за енергија, поголемиот дел од електричната енергија на Шведска е извезена во Финска и Данска, додека Франција оваа година повеќе увезла енергија отколку што извезла.
Жан-Пол Хареман, директорот на „Енапсис Лтд“, рече дека „нуклеарните прашања на Франција резултираа со исклучителна нето-увозна позиција за францускиот пазар“ и дека тоа е интензивирано со високите цени на гасот.
Француските нуклеарни станици се од голема важност за европскиот електроенергетски систем, но продолжените прекини значеа дека од 56-те нуклеарни реактори во земјата, само околу половина се достапни, што ги истурка цените до нивните највисоки нивоа во регионот.
Европа се соочува со уште подлабока енергетска криза бидејќи Франција сега добива големи количества енергија од другите земји на континентот.
Германија и Велика Британија го зголемија нето-извозот на електрична енергија во истиот период, додека вкупниот нето-извоз на Шведска изнесуваше 16 терават/часови во првата половина од 2022 година, што доведе до тоа земјата да стане најголем нето-извозник на електрична енергија во Европа.