Aşkın Kıyağan
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ВИЕНА (АА) - Реџеп Таип Ѓултекин, момче со турско потекло, е рането во терористичкиот напад во Виена, а за синоќешните случувања зборуваше за Агенција Анадолија (АА).
Ѓултекин изјави дека со пријателот Микаил Озер се состанал во делот на Виена популарен меѓу туристите и дека слушнале пукотници. Кога се упатиле кон местото од каде што доаѓале пукотниците, виделе како терорист застрелал цивил.
Тој додаде дека ѝ помогнале на ранета жена и ја пренеле во еден ресторан во близина.
Потоа го напуштил ресторанот и дошол наспроти терористот.

„Кога ранетата жена ја префрливме во ресторанот во близина, терористот го впери оружјето во мене. Тогаш се фрлив на земја и се обидов да се превртам. Претпоставувам дека тој имаше некое оружје со долга цевка. Еден куршум ме погоди во десната нога, но не станува збор за голема рана. Влеговме во возилото на пријателот и отидовме во полиција за да раскажеме што се случило“, изјави тој.
Додаде дека потоа на друго место виделе ранет полицаец и дека екипите за итна помош поради судирите не можеле да пристапат на тоа место, поради што тој и неговиот пријател го пренеле полицаецот до амбулантното возило.
Воедно ѝ помогнале и на постара жена да биде на сигурно.
„Бидејќи раната на ногата не беше голема, не сакав да одам во болница. Предложија да ме однесат во болница, но не сакав да бидам товар, бидејќи мислев дека поради судирите ќе има голем број ранети. И понатаму имам куршум во ногата, а сега кога ситуацијата малку се смири, ќе одам во болница“, изјави Ѓултекин.
Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамед, денес изјави дека четири лица починале, вклучувајќи го и напаѓачот, и дека 15 лица се повредени во синоќешната престрелка во центарот на Виена.