Mücahit Oktay
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ЊУЈОРК (АА) – Во Соединетите Американски Држави (САД) во периодот од јануари до октомври продадени се 18,6 милиони парчиња огнено оружје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот подготвен од компанијата за истражување „Small Arms Analytics and Forecasting“ (SAAF), нагласено е дека во последно време во САД многу брзо се зголемила продажбата на оружје.
Исто така се потенцира дека во земјата во последните 10 месеци се продадени 18,6 милиони парчиња огнено оружје, во 2019 година вкупно 13,9 милиони, а во 2018 година 13,8 милиони парчиња оружје.
Меѓу другото се наведува дека само во октомври се продадени 1,9 милиони парчиња огнено оружје, што во споредба со истиот период од минатата година претставува зголемување од 65 проценти.
Главниот економист на „Small Arms Analytics and Forecasting“ (SAAF), Јирген Брауер, истакна дека во 2020 година во САД стапката на продажба на огнено оружје достигнала највисоко ниво.
Во изјавата дадена од Националната фондација за стрелечки спортови (NSSF) се истакнува дека како што се приближувал денот на изборите, така и се зголемувала побарувачката на луѓето за купување оружје.
„Како што се наближуваше денот на изборите, оваа ситуација стана појасна. Оваа година, 6,9 милиони луѓе за прв пат се здобија со оружје“, се додава во изјавата на Националната фондација за стрелечки спортови.