Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
ИДЛИБ (АА) - Во градот Идлиб, во северниот дел на Сирија, формирана е мобилна библиотека којашто доставува книги за децата жртви на војната, јавува Anadolu Agency (AA).
Библиотеката формирана од страна на сириски волонтери располага со книги со приказни и романи од светската класика, историски книги, како и книги по општествени и природни науки.
Мобилната библиотека, исто така, ќе обезбедни учебници за децата кои сѐ уште не се во можност да одат на училиште бидејќи се исплашени од интензивните бомбардирања што се случија во периодот од 19 до 30 септември.
Преку оваа библиотека, двапати неделно се доставуваат книги и во селата во периферијата на Идлиб.
„Започнавме еден ваков проект за доставување книги за децата жртви на војната, како книги со приказни, романи, историски книги, и книги по општествени и природни науки“, истакна во изјава за АА директорот на мобилната библиотека, Малик ер Рифаи.
Тој истакна дека со екипа експерти во областа, ги избрале книгите за мобилната библиотека, проект кој го започнале на почетокот од оваа година. „По 8-месечните подготовки, мобилната библиотека почна со работа. Досега доставивме книги за над 200 деца“, рече Рифаи.
Тој пренесе дека нивната цел е да обезбедат книги за сите во Сирија.
Кинане Џелуд е едно од децата кое земало книга од мобилната библиотека.
„Ја прочитав приказната за Пепелашка. Од книгата научив што е трпение и дека не треба да се однесуваме лошо со луѓето што прават лоши работи“, вели Џелуд.