Rabia Ali
06 Април 2023•Ажурирај: 07 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Во 2021 година младите во Данска биле изложени на најголем ризик од сиромаштија во Европската Унија (ЕУ), покажуваат податоците на Заводот за статистика на ЕУ, јавува Анадолу.
Над една четвртина (25,6 отсто) од Данците на возраст од 15 до 29 години се изложени на ризик од сиромаштија, а веднаш зад нив е Грција со 25,3 отсто и Шпанија со 24,9 отсто, се вели во извештајот на Евростат објавен оваа недела.
Во извештајот се наведува дека ризикот од сиромаштија за општата популација во Данска бил 12,3 отсто, додека за младите 25,6 отсто. И во Шведска, стапката на младите со финансиски проблеми е поголема од општата популација, 24,6 отсто наспроти 15,7 отсто од луѓето од сите возрасни групи.
Севкупно во ЕУ во 2021 година стапката на ризик од сиромаштија за младите изнесуваше 20,1 отсто, во споредба со 16,8 отсто за целокупното население.
- Шест отсто од младите во ЕУ се „тешко материјално и социјално лишени“
Во извештајот, исто така, се вели дека во 2021 година околу 6,1 отсто од луѓето на возраст од 15 до 29 години биле „тешко материјално и социјално лишени“.
Меѓу вкупното население на луѓе што живеат во земјите на ЕУ, стапката на сериозно материјално и социјално загрозени лица од сите возрасни групи е 6,3 отсто, повисока од онаа кај младите.
Според индикаторите на ЕУ, тешко материјално и социјално лишени се оние што не можат да си дозволат седум од 13 наведени фактори, поради немање финансии.
Тие вклучуваат можност за плаќање заеми, сметки за хипотека или за комунални услуги; загревање на домот, јадење риба, месо или пилешко секој втор ден; покривање на неочекувани финансиски трошоци; одење на одмор; за замена на дотраен мебел; купување автомобил; купување облека; соодветни чевли; слободни активности; среќавање со семејството или пријателите на оброк еднаш месечно; да се има џепарлак, интернет-конекција.
Највисок сооднос на млади што страдаат од социјална и материјална немаштија има во Романија со 23,1 отсто. Бугарија е втора со 18,7 отсто, а потоа Грција со 14,2 отсто.