Ekipa
13 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
ЧИКАГО (АА) - Компанијата за вселенски летала основана од милијардерот Џеф Безос објави дека неименувано лице победило на аукцијата да му се придружи на основачот на „Амазон“ на првиот лет на компанијата во вселената, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата „Блу ориџин“ (Blue Origin) соопшти дека победникот за патувањето уплатил 28 милиони долари, но дека идентитетот на лицето нема да биде објавен неколку недели.
Наддавањето за шанса за кратко патување во вселената започна пред околу еден месец, а компанијата истакна дека се регистрирани над 7.500 луѓе од повеќе од 150 земји. Но, битката со наддавањето вртоглаво порасна кога Безос во понеделникот соопшти дека ќе биде во леталото, заедно со неговиот помлад брат Марк. До викендот, компанијата изјави дека највисоките понуди пристигнале од околу 20 лица.
Оттаму истакнаа дека најголемата сума од наддавањето ќе биде донирана за „Клубот за иднината“ на „Блу ориџин“, за промовирање на технолошките и научните студии кај младите.
Вселенската капсула „Њу Шепард“ ќе полета од Западен Тексас на 20 јули, за инаугуративно патување во вселената, кое може да трае само неколку минути. Датумот е годишнината кога Американците Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе што чекореа по Месечината во 1969 година.
„Блу ориџин“ соопшти дека четврто, сè уште неименувано лице, исто така, ќе биде на патувањето. Според компанијата, на „Њу Шепард“ има место за шестчлен екипаж и големи прозорци за поглед кон вселената.
Се чини дека Безос се натпреварува со милијардерот Елон Маск, кој ја основа компанијата „Спејс икс“ во 2002 година. Маск вели дека неговата цел е еден ден да го колонизира Марс. „Не можам да замислам нешто повозбудливо од тоа да одам таму горе и да бидам меѓу ѕвездите“, рече тој.
Што се однесува до Безос, неговата цел со „Блу ориџин“ се чини дека е повеќе од рекреативен карактер, со летови достапни за јавноста. Компанијата сè уште не објави кога ќе започне со продажба на билети или колку ќе чинат летовите во вселената.