Şahin Demir
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Израелските сили денес разнесоа напуштена зграда за време на упад во руралните предели западно од Дамаск, во југозападна Сирија, објавија сириските медиуми, пренесува Анадолу.
Телевизијата Сирија Ал-Ихбарија соопшти дека израелските сили влегле на земјоделско земјиште меѓу градот Беит Џин и Мазрат Беит Џин, а потоа ја урнале напуштената зграда.
Медиумот не даде дополнителни детали за упадот, ниту пак, извести за евентуални жртви.
Областа Беит Џин во последните недели е место на чести израелски воени активности.
На 18 септември, израелските сили ги гранатираа периферијата на Беит Џин, по неколку дена откако друга израелска единица изврши упад на земјоделското земјиште околу градот со околу 10 воени возила, два тенка и булдожер.
Делови од јужна Сирија се соочуваат со чести израелски упади и напади, вклучувајќи рации, претреси, апсења и поставување воени контролни пунктови.
Израел го окупира поголемиот дел од сириската Голанска Висорамнина уште од 1967 година. По падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, Израел го прогласи Договорот за неангажирање на силите од 1974 година за неважечки и ја зазеде демилитаризираната тампон-зона, како и други позиции, вклучувајќи ја и сириската страна на планината Хермон (Џабал ал-Шеик).
Дамаск побара израелските сили да се повлечат на позициите што ги држеле пред 8 декември 2024 година, истовремено потврдувајќи ја својата посветеност на договорот од 1974 година.