Övünç Kutlu
05 Ноември 2021•Ажурирај: 07 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Американскиот суд вчера пресуди во корист на „Спејс икс“ на Илон Маск против „Блу ориџин“ на Џеф Безос во тужбата за договорот за слетување на Месечината вреден 2,9 милијарди долари, при што „вселенската трка“ меѓу двајцата најбогати луѓе во светот се интензивира, јавува Агенција Анадолија (АА).
Судијата Ричард Хертлинг од американскиот суд за федерални барања ја отфрли жалбата на „Блу ориџин“, која ја оспорува НАСА за „незаконска и неправилна евалуација на предлозите“ за слетување на Месечината.
По пресудата, НАСА соопшти дека ќе ја продолжи работата со „Спејс икс“ според нивниот договор што е можно поскоро.
„Ќе има претстојни можности компаниите да соработуваат со НАСА во воспоставувањето долгорочно човечко присуство на Месечината во рамките на програмата на агенцијата „Артемис““, се вели во извештајот.
Пресудата беше голем удар за Безос кој на Твитер напиша: „Не е одлуката што ја сакавме, но ја почитуваме пресудата на судот и посакуваме целосен успех на НАСА и „Спејс икс“ во договорот.“
Маск имаше комичен одговор, користејќи „мем“ од научно-фантастичниот филм од 2012 година, Дред, кој гласеше: „Вие сте осудени“.
Двајцата најбогати луѓе во светот се „тркаат во вселената“, откако НАСА ја заврши својата програма за спејс шатл во 2011 година по три децении, а САД се префрлија кај приватни изведувачи за вселенските мисии.
„Спејс Икс“ на Маск ја води трката од 2010 година кога стана првата приватна компанија која успешно лансира, орбитира и обнови вселенско летало, а ги леташе своите ракети „Фалкон 9“ повеќе од 100 пати.
Безос полета во вселената со подорбитален лет на 20 јули кој траеше повеќе од 10 минути, кој стана првиот целосно автоматизиран лет со цивилни патници.
Од вчера, Маск беше на врвот на листата на милијардери на „Форбс“ (Forbes) со нето-богатство од 320,5 милијарди долари, а Безос беше на второто место со 201,8 милијарди долари.
Програмата „Артемис“ на НАСА има за цел да ја однесе првата жена и првиот црнец на Месечината, враќајќи ги луѓето на единствениот природен сателит на Земјата по пет децении откога „Аполо 17“ последен пат отиде таму во 1972 година.
Првата мисија, „Артемида I“, е на пат за 2021 година без астронаути, додека „Артемида II“ ќе лета со екипаж во 2023 година. „Артемида III“ ќе слета со астронаути на јужниот пол на Месечината во 2024 година, според НАСА, со проценета цена од 35 милијарди долари во следните четири години.
Артемида во митологијата е сестра близначка на богот на Сонцето, Аполо, името на програмата на НАСА која однесе 12 астронаути на Месечината во доцните 1960-ти и раните 1970-ти.