Aybüke İnal
08 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Турција ја осуди одлуката за доделување на Нобеловата награда за книжевност за 2019 година на австрискиот книжевник Петер Хандке, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Најостро го осудуваме доделвуањето на Нобеловата награда за книжевност за 2019 година на Петер Хандке кој го негира геноцидот во Босна и е најголемиот поддржувач на Милошевиќ кој е убиец на нашите невини бошњачки браќа и злосторник на геноцидот“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Турција, објавено на социналната мрежа Твитер.
Во соопштението се изразува и очекување за повлекување на оваа одлука.
„Очекуваме што поскоро да дојде до откажување на оваа историска грешка која уште еднаш Нобеловите награди ќе ги направи дискутабилни, а која ќе ги навреди сите луѓе кои имаат совест", се наведува во соопштението.
Австрискиот книжевник Хандке е прогласен за добитник на Нобеловата награда за книжевност за 2019 година, поради, како што е наведено во образложението на Шведската академија, „јазичната иновативност преку пишаниот збор кој ја опишува човечката маргинализација и уникатност на живеење“.
На Хандке наградата ќе му биде врачена во понеделник, а освен по своите книжевни достигнувања, во јавноста е познат и по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.
Во понеделник во Стокхолм ќе биде одржан голем протест поради одлуката на Шведската академија за доделување на наградата на Хандке.