Ekipa
06 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед Бин Абдулрахман ал Тани, изјави дека се очекува Катар и Турција да потпишат 12 нови договори за време на посетата на турскиот претседател Ердоган на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за новинарите пред посетата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на главниот град на Катар, Доха, Ал Тани ја пофали турската економија како економија „изградена на цврсти основи“ истакнувајќи дека неговата земја подготвува огромни инвестиции во Турција.
Ердоган престојува во Катар во дводневна официјална посета каде што ќе учествува на седмиот состанок на Високиот стратешки совет на Турција и Катар.
„Неговата посета се должи на поканата од емирот на Катар, шеик Тамим бин Хамад ал Тани“, соопшти Дирекцијата за комуникации вчера.
Се очекува двајцата лидери покрај регионалните и меѓународните прашања, да ги разгледаат билатералните односи во сите димензии и да дискутираат за чекорите што можат да бидат преземени за продлабочување на соработката.
Катарскиот шеф на дипломатијата исто така истакна дека на турско-катарскиот самит ќе стане збор и за палестинското прашање и за развојот на ситуацијата во Сирија и Авганистан.