свет

Меѓународната организација на Евреи против ционизмот реагираше на насилството на Израел во Ал-Кудс

Рабинот Довид Фелдман, портпарол на Меѓународната организација на Евреи против ционизмот, позната и како Нетуреи карта (Neturei Karta), рече дека израелските провокации кон Палестинците не се ништо ново бидејќи се случувале повеќе пати и во минатото

Islam Doğru  | 11.05.2021 - Обновена : 12.05.2021
Меѓународната организација на Евреи против ционизмот реагираше на насилството на Израел во Ал-Кудс

ЊУЈОРК (АА)

- Ислам ДОГРУ


Рабинот Довид Фелдман, портпарол на Меѓународната организација на Евреи против ционизмот, позната и како Нетуреи карта (Neturei Karta), последните израелски напади во Источен ал-Кудс (Ерусалим) ги опиша како „неприфатливи налудничави постапки“.

Фелдман во разговорот за Агенција Анадолија (АА) зборуваше за тензиите што следуваа откако израелските власти се обидоа да ги иселат Палестинците од квартот Шеик Џара во Источен ал-Кудс, како и за самиот корен на целиот проблем.

Веднаш на почетокот рече дека израелските провокации кон Палестинците не се ништо ново бидејќи тоа многупати и претходно се случувало.

„За жал, ова е таа иста форма и многу е слична на настаните што траат веќе 70 години. Никого не би требало да изненадат таквите неприфатливи налудничави постапки“, рече Фелдман.

Тој објасни дека вистинските Евреи што ја воспоставија државата Израел и кои веруваат во Тората, светата книга на Евреите, во никој случај не треба да се сложат со таа идеологија.

„Ова ционистичко движење не признава ништо што било пред нив. Затоа и се случува сето ова. Поради тоа во Шеик Џара се случуваат овие тажни сцени, сакајќи да ги протераат луѓето од нивните домови. Истото се случи и во минатото кога ги рушеа домовите на палестинскиот народ. Сето тоа повторно го гледаме. Како палестинскиот народ воопшто и да не постоел, како воопшто да не постои“, рече Фелдман.


- На ционистичкото движење му е потребна војна

Фелдман рече дека вакви и слични судири можат да се очекуваат доколку се погледне во самите темели на кои е формиран Израел.

„За жал, веќе со децении гледаме дека израелското ционистичко движење бара некој да ги напаѓа, со цел да ја оправда својата војна против палестинскиот народ. Не е ниту чудно зошто го предизвикаа инцидентот во Шеик Џара, што предизвика реакција кај Палестинците. Единственото објаснување што можам да го дадам е дека на ционистичкото движење му е потребна војна. Им треба војна за да постојат и да ја стекнат симпатијата на израелскиот народ. Им треба војна за да можат да им кажат на Евреите ‘гледајте, во опасност сме, Палестинците се закана за нас’.“

Фелдман нагласи дека секако, крајно погрешно е сè она што досега низ историјата му е сторено на палестинскиот народ.

„Мораме да дојдеме до коренот на ова прашање. Потребни ни се поправка и корекција на сите досегашни грешки. За жал, доколку сè ова не се исправи и грешките не се идентификуваат, никаде нема да стигнеме“, истакна Фелдман.


- Против сè што ционизмот застапува

Истакнувајќи дека, како што тоа го налага јудаизмот во кој верува, сите овие напади би требало да запрат, Фелдман додаде дека американските политичари кои го дигнаа гласот против насилството во последните неколку дена заслужуваат пофални зборови.

„Тоа е извонредно, но ги поттикнувам луѓето да направат многу повеќе од она што е сторено. Ова е убав чекор во права насока, но мораме да бидеме начисто со тоа. Ова не е само случај Шеик Џара или неколку настани, станува збор за цел проект со кој се врши притисок на еден цел народ“, рече Фелдман.

Како што рече, во светот, но и на окупираните палестински територии, постојат многу Евреи кои се исклучително лути поради сите овие случувања.

„Религиозните Евреи во светот кои се против ционизмот, вклучувајќи ги и оние во окупирана Палестина, не се само против движењето на екстремните доселеници. Ние сме против секој вид окупација и она што го застапува ционизмот. Тоа е спротивно на нашата религија, правда, меѓународното право, човештвото. Тоа е спротивно на интересите на палестинскиот народ и интересите на еврејскиот народ низ светот“, рече Фелдман.


- Нашите гласови се игнорираат

Фелдман порача дека ќе учествува на разните протести што ќе се одржат оваа недела во Њујорк и Вашингтон против израелското насилство и притисокот врз Палестинците.

„Ќе сториме сè што ќе можеме да го поддржиме угнетуваниот народ на Палестина и да ја запреме окупацијата. Подготвени сме барем луѓето да ги информираме, со цел да сфатат што сè случува и дека тоа не е правилно“, рече Фелдман.

Тој истакна дека произраелските сили се обидуваат на секој начин да го спречат и да го сузбијат гласот на сите оние што размислуваат поинаку и да ги затворат нивните профили на социјалните мрежи.

„Тоа постојано се случува, нашиот глас се игнорира и систематски сме цензурирани во главните медиуми, навикнавме на тоа веќе со децении“, потенцираше Фелдман.

Тој истакна дека критикувањето на Израел и неговата политика не е „антисемитизам“.

„Се гордееме што можеме да кажеме дека го критикуваме Израел поради кршењето и нарушувањето на сите облици на правдата“, истакна Фелдман за АА.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.