Erbil Başay
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изрази поддршка за одржување индиректни преговори со Хамас, со цел постигнување примирје помеѓу Израел и Палестина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Меркел имаше свое обраќање на Европскиот форум на ВДР на кој говореше за нападите на Израел врз Палестина и зголемувањето на тензиите.
На прашањето „Одржани се преговори со Талибанците во Авганистан, дали би дале поддршка за некакви преговори и со Хамас?“, Меркел одговори дека треба да има индиректни контакти со Хамас.
Таа рече дека Египет и некои други арапски земји имаат контакти и разговори со Хамас.
„Без да има ниту еден контакт со Хамас не може да се постигне тоа [решение]. Тоа секогаш не треба да се прави директно, но сигурно дека треба и Хамас да се вклучува на одреден начин. Бидејќи без Хамас нема примирје“, додаде таа.
Меркел тврди дека Израел се спротивставува на нападите кои се насочени кон него, нагласувајќи дека го поддржуваат правото на Израел за самоодбрана.
Германската канцеларка истакна дека Германија остро ги осудува случаите на антисемитизам.
„Тоа треба да се разликува од прашањето за критикување на политиката на израелската држава. Тоа може да се истакнува. Тоа може да се истакнува и во Израел. И тука треба да се истакнува“, нагласи Меркел.
Таа рече дека и самата ги критикува политиките на Израел за населување, но рече дека имаат нулта толеранција за одржување демонстрации пред синагогите, за палење на знамиња и за тоа целосно да се биде против јудаизмот.