Ekip
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
ДАКА
Меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) ги повика властите на Бангладеш да ја ослободат новинарката Розина Ислам која во понеделникот беше уапсена поради истражувачкиот текст за корупција и лошо раководење со јавниот здравствен систем, вклучувајќи ја и лошата владина политика во екот на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Властите на Бангладеш би требало да изнесат докази за незаконско постапување или веднаш да ја ослободат Розина Ислам и да престанат да ги апсат новинарите поради извршување на нивната работа, во која спаѓа и укажувањето на пропусти на Владата“, порача денеска Бред Адамс, директорот на „Хјуман рајтс воч“ за Азија.
Розина Ислам е искусна новинарка која работи во еден од најтиражните бангладешки весници „Протом ало“ (Prothom Alo), а уапсена е во понеделникот поради наводен обид за кражба на чувствителни документи од Министерството за здравство. Таа ги отфрли обвиненијата.
Ислам е обвинета според членовите на Законот за службени тајни на државата и одредби на Казнениот закон. Ѝ се заканува затворска казна во траење до 14 години, па дури и смртна казна.
Адамс во реакцијата нагласи дека апсењето на новинарката Ислам претставува застрашувачка порака за новинарите кои ја откриваат корупцијата во Бангладеш.
„Наместо притворање на критичарите, поттикнувањето на слободните медиуми би требало да биде клучно за владината стратегија за јакнење на здравствените услуги во борбата против пандемијата“, порача Адамс.
И Одборот за заштита на новинарите исто така повика на итно ослободување на новинарката Ислам.
„Длабоко сме вознемирени што официјалните претставници на Бангладеш ја приведоа новинарката и поднесоа жалба според драконскиот закон од колонијалната ера кој предвидува нелогично остри казни“, наведоа од Одборот.
Организациите за заштита на човекови права известуваат за растот на притисокот на медиумите во Бангладеш од почетокот на пандемијата на Ковид-19. Во Бангладеш позитивни на коронавирусот се речиси 800.000 луѓе, а од последиците на заразеност со вирусот починаа повеќе од 12.000 лица.