Alma Çekovic
06 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел повика на потполна забрана за носење бурки и истакна дека ќе ја поддржи забраната за носење превез што во потполност го прикрива лицето, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Покривањето на лицето мора во потполност да се забрани, секаде каде што тоа е законски дозволено“, изјави Меркел на конгресот на својата Христијанско демократска унија во Есен, што предизвика аплауз и воодушевување кај присутните.
Откако минатата недела потврди дека ќе бара нов мандат за местото германски канцелар, Ангела Меркел најави кандидатура и за новиот двегодишен мандат за претседател на нејзината партија.
Како што пренесува британскиот весник „Индепендент“, германската канцеларка на конгресот на својата партија истакна дека бегалската криза, каква што е забележана минатата година, никогаш не смее да се повтори.
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мејзер, во август предложи делумна забрана за носење бурка во екот на жестоката национална дебата за интеграцијата на мигрантите и бегалците во општеството.
Тогаш тој изјави дека таквиот закон треба да се применува на места на кои тоа е неопходно за соживот во општеството – во јавниот превоз, јавните служби, во канцелариите за регистрација, во училиштата и на универзитетите, во цивилните служби и судовите.
Слична мерка за забрана усвоија и холандските претставници минатиот месец. Непочитувањето на тој закон, кој треба да го одобри Сенатот, ќе се казни со парична казна до 405 евра.