Erbil Başay
11 Април 2019•Ажурирај: 13 Април 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел, во однос на Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), истакна: „Беше многу опсежна и многу добра вечер која го покажа единството на ЕУ“, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел во изјавата по Самитот на лидерите на ЕУ за Брегзит кој се одржа во Брисел, истакна дека Брегзит е одложен до октомври, бидејќи сакаат Велика Британија да ја напушти ЕУ со договор.
Меркел истакна дека Брегзит со договор може да успее ако ѝ се даде време на Велика Британија. Таа додаде дека во јуни ќе биде направена една проценка, но дека датумот кој е поставен денеска е 31 октомври.
„Беше многу опсежна и многу добра вечер која уште еднаш го покажа единството на ЕУ“, рече Меркел во врска со Самитот, додавајќи дека 27-те земји во ЕУ со години одат заедно по овој пат, и дека и во иднина ќе одат заедно.
Меркел, истакнувајќи дека 27-те земји членки на ЕУ во тригодишните дебати успеале да изнајдат заедничко решение, нагласи: „Мојата и позицијата на Германија е јасна. Се бориме за излез со договор и за тоа вршиме напори. Не поради барањата на Велика Британија, туку поради нашите интереси.“
Британската премиерка Тереза Мај јасно изјави дека земјата ќе ги прифати сите права и обврски во ЕУ сѐ додека е членка на ЕУ, и додаде: „Се согласивме на тоа. И отворено го побаравме тоа од Владата на Велика Британија.“
Меркел истакна дека е значајно кога британскиот Парламент ќе го ратификува договорот Брегзит, додавајќи дека страната на ЕУ уште еднаш јасно истакнала дека Договорот е валиден и неотповиклив.
Меркел, наведувајќи дека за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија би можело да се преговара, рече: „Убедени сме дека Велика Британија ќе се обиде да излезе од ЕУ по пат на договор.“
Истакнувајќи дека е добро тоа што ЕУ не вршела притисок врз Велика Британија, Меркел рече дека одлуката донесена денеска е добра во поглед на давањето време за Велика Британија.
Во финалната Декларација на денешниот Самит на лидерите на ЕУ, за Брегзит стои: „Одложувањето кое е на сила до 31 октомври 2019 година, може да се продолжи само толку колку што е потребно. Ако Договорот за одвојување биде потпишан пред тој датум, Брегзит ќе важи од првиот ден следниот месец.“
Велика Британија на одржаниот референдум на 23 јуни 2016 година одлучи да се оддели од Европската Унија (ЕУ).
Согласно постигнатиот договор меѓу Велика Британија и Европската Унија (ЕУ), Брегзит, т.е. излезот на Британија од Унијата кој во нормални услови требаше да се оствари на 29 март, беше одложен до 12 април.