свет

Менг Ванжу, финансиската директорка на „Хуавеј“, повторно пред канадскиот суд

Доколку Менг Ванжу биде прогласена за виновна по обвинението „заговор за проневера на повеќе меѓународни институции“, тогаш таа може да се соочи со казна од 30 години затвор

Seyit Aydoğan  | 10.12.2018 - Обновена : 11.12.2018
Менг Ванжу, финансиската директорка на „Хуавеј“, повторно пред канадскиот суд

Toronto

ТОРОНТО (АА) - На барање на американската администрација од Вашингтон, под обвинение дека се прекршени санкциите што САД ги воведе против Иран, на 1 декември во Ванкувер од страна на канадските власти беше приведена Менг Ванжу, ќерката на сопственикот на технолошкиот електронски гигант „Хуавеј“. Денес Менг Ванжу треба повторно да излезе пред судот на рочиште за кауција, јавува Anadolu Agency (AA).

Рочиштето за кауција започна минатиот петок, но беше презакажано за денес. Сите со нетрпение очекуваат каква одлука ќе донесе судијата на денешното рочиште. Менг сѐ уште се наоѓа во притвор во Ванкувер.

Доколку Менг Ванжу биде прогласена за виновна по обвинението „заговор за проневера на повеќе меѓународни институции“, тогаш таа може да се соочи со казна од 30 години затвор. Американското Министерство за правда побара од канадските власти да им ја испорачаат Менг Ванжу, со цел да ѝ се суди од страна на американските институции.

- Канадската трговска делегација ја откажа програмата во Кина -

Во меѓувреме, Канадската трговска делегација од канадската провинција Британска Колумбија, каде што се наоѓа притворена Менг Ванжу, ја откажа својата програма во Кина. Водачот на делегацијата, министерот за шумарство на Британска Колумбија, Даг Доналдсон, даде писмено соопштение во врска со настанот. „Нашата делегација нема да застане во Кина, и по програмата во Јапонија се враќа во Канада“, напиша Доналдсон. Откажувањето на програмата во Кина од страна на Канадската трговска делегација се смета како избегнување на можноста за реваншизам од страна на кинеските власти.

- Кинезите во Канада организираа марш за поддршка на Менг -

Од друга страна, лицата со кинеско потекло коишто живеат во Ванкувер, во канадската провинција Британска Колумбија, каде што е притворена Менг Ванжу, организираа марш во знак на поддршка за неа. На маршот учествуваа стотици лица, а беше организиран од Меи Хан Донг, претседателка на Здружението на канадската асоцијација на деца и жени, која рече дека Менг е кинеска државјанка и според тоа, потребно е да ѝ се суди во Кина.

„Ние се противиме на тоа што американските закони сакаат да го заменат меѓународното право и веруваме дека американските закони не треба да ги негираат меѓународните закони. Менг Ванжу треба да добие фер и рамноправен третман“, истакна Донг.

- Што се случи? -

Финансиската директорка на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“, Менг Ванжу, на барање на администрацијата од Вашингтон на 1 декември беше приведена во Ванкувер, под обвинение дека се прекршени санкциите што САД ги воведе против Иран, но самиот настан беше објавен во текот на неделата. Вниманието на јавноста го привлече фактот дека приведувањето на Менг Ванжу се случи по средбата на американскиот претседател Трамп со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, на Самитот на Г-20 во Аргентина, каде што по тензиите од трговската војна во билатералните односи, двајцата претседатели се договорија дека „нема да има нови царински давачки меѓу двете земји во наредните 90 дена“.

По приведувањето, министерот за надворешни работи на Кина ја обвини Канада дека ги прекршува човековите права и упати апел што е можно побргу да го ослободи официјалниот претставник на „Хуавеј“.

Компанијата „Хуавеј“ е основана 1987 година во кинескиот град Шенџен, а денеска е една од најголемите телекомуникациски компании во светот, и има над 180.000 вработени во 170 земји.

„Хуавеј“ нуди решенија во информатичката и комуникациската технологија, телекомуникации, корпоративни мрежи, смарт-телефони и интернет. Се очекува кон крајот на годината пазарната вредност на „Хуавеј“ да изнесува над 100 милијарди долари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.