Nilay Kar
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
МАРАКЕШ (АА) - Турските безбедносни сили досега задржаа околу 251.794 илегални мигранти оваа година, истакна денес турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на Kонференцијата за Глобалниот договор за миграции во Мароко, Сулејман Сојлу рече: „Забележано е зголемување од 56 отсто во споредба со бројките од првите 11 месеци минатата година“.
„Турските власти исто така депортираа околу 53.860 лица и уапсија 5.522 лица за трговија со луѓе“, истакна Сојлу.
Турција е главната рута за бегалците кои се обидуваат да стапнат на европско тло, особено од почетокот на граѓанската војна во Сирија.
Меѓу мигрантите фатени во 2017 година во Турција, најголем дел се од Пакистан, потоа од Авганистан и Сирија.
За време на својот говор, турскиот министер за внатрешни работи, исто така, истакна дека Турција е домаќин на над 3,6 милиони Сиријци со статус на привремена заштита, и секоја година обезбедува образование за 916.074 лица.
Турција потроши над 32 милијарди долари од своите ресурси за помош и обезбедување засолниште за бегалците од почетокот на сириската граѓанска војна.