Tayfun Salcı
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј го одложи гласањето за Брегзит во Парламентот, што беше закажано за утре, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето во Долниот дом на британскиот Парламент, Меј истакна дека го одложува гласањето за договорот со Европската Унија за Брегзит поради критиките за прашањата кои се однесуваат на мерките за претпазливост.
Таа додаде дека ќе се обиде од колегите од ЕУ да ги добие потребните гаранции за решавање на овој проблем на самитот кој ќе се одржи оваа недела.
Челникот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, истакна дека Велика Британија повеќе нема функционална влада.
„Владата смета дека договорот на Тереза Меј за Брегзит е толку катастрофален што одлучи да направи очајнички чекор“, рече Корбин.
Велика Британија на референдумот одржан на 23 јуни 2016 година донесе одлука за напуштање на Европската Унија, популарно познато како Брегзит. Велика Британија официјално ќе ја напушти Европската Унија на 29 март 2019 година.