Recep Şakar
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
МЕЛБУРН (АА) - На влезовите од некои улици и плоштади во центарот на австралискиот град Мелбурн се поставени бетонски блокови, како превенција од можни терористички напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Врз основа на донесената одлука од страна на сојузната држава Викторија, поставени се бетонски бариери на Федералниот плоштад и на улицата Бурк, кои се наоѓаат во центарот на Мелбурн, со цел да се спречи влез на возила во тој дел од градот.
Претседателот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендруз, изјави дека постои голем ризик од терористички напад со возило во градот, и додаде дека на местата на привремено поставените бариери, во текот на наредните шест месеци ќе бидат поставени фиксни бариери.
Според соопштеното, бетонските блокови што се поставени во подрачјата каде што има голем број пешаци, по потреба ќе бидат поставени и на други места.
Покрај бетонските блокови поставени во центарот на Мелбурн, низ градот патролираат и полициски службеници на местата каде што има поголем број пешаци.
Безбедносните мерки се засилени поради спортските натпревари, концертите и фестивалите што треба да се одржат во градот.
Минатата недела, во населбата Брингтон во Мелбурн еден милитант од терористичката организација ДЕАШ уби маж, и зеде за заложник една жена. Од друга страна, на 20 јануари 2017 година, Димитриус Гаргасулас со својот автомобил удри во пешаци. Во овој напад загинаа шест лица, додека 26 беа повредени. Двајца државјани на Австралија ги загубија своите животи и во терористичкиот напад во Лондон.